Линкови за пристапност

ЕУ предупредува на нов, голем бран бегалци


Претседателот на Европскиот совет, Доналд Таск, изјави дека Европа мора да биде подготвена да се справи со сите можни сценарија.

На Самитот на шефовите на држави и влади на ЕУ во Брисел, тема број еден беше војната во Сирија и мигрантската ситуација во Турција.

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Таск, изјави дека Европа мора да биде подготвена да се справи со „сите можни сценарија“, што можат да причинат „нов масовен егзодус на бегалци“.

Таск додаде дека влошените услови во Сирија и насилството во Либија, ќе бидат високо на агендата, исто како и обезбедување помош за земјите, како Грција, Турција, Јордан и Либан, коишто примија голем број бегалци и мигранти.

Францускиот претседател Франсоа Оланд изјави дека сега е време кога „и ние треба да бидеме Европејци“, повикувајќи на солидарност меѓу земјите-членки на Унијата во справување со мигрантската криза.

Оланд ја подвлече потребата од поддршка на земјите надвор од ЕУ, како и од охрабрување на мигрантите, попрво да останат во земјите-домаќини, отколку да тргнат по опасни патишта со бродови низ Медитеранот за да стигнат до земјите на Унијата.

На мигрантската криза се осврна и германската канцеларка Ангела Меркел, велејќи дека товарот треба подеднакво да се подели меѓу 28-те земји-членки.

Според најновите податоци на Меѓународната организација за миграција, во 2015-та година во обид да преминат низ Медитеранот, животот го загубиле 2.989 мигранти, а 580.238 други стигнале на европското крајбрежје.

XS
SM
MD
LG