Линкови за пристапност

Балканската бегалска рута не е затворена


Полицијата редовно го спречува шверцот на луѓе, но мигрантите и бегалците од Азија и Африка, дури и пеш, ја одржуваат Балканската рута кон посакуваната Западна Европа

На автопатот Гевгелија-Скопје, кај клучката Смоквица, во петокот, во запрено комби-возило со скопски регистрации, полицијата пронашла 58 мигранти, 56 Пакистанци и двајца Сиријци, но возачот успеал да избега.

Подоцна, на влезот во Гевгелија, полицијата го запрела и автомобилот што претходно се движел пред комби возилото со мигранти, и привела 22-годишник од Богданци, 27-годишник од Гевгелија, и едно лице од Косово, под сомнение дека се инволвирани во криумчарењето. Мигрантите се сместени во Прифатниот центар Гевгелија, а полицијата го расчистува последниот обид на шверц со мигранти и бегалци низ македонска територија.

Неславниот „рекорд“ со бројот на шверцувани лица, имаше кус рок на траење, откако, само ден потоа, беше пренесена веста од грчките медиуми, дека полицијата во Грција, во камион со бугарски регистарски таблички, открила дури 59 илегални мигранти, при рутинска проверка на возилото на 30-тина километри источно од Солун. Најголем дел од мигрантите биле од Сомалија, а меѓу приведените имало и жители на Авганистан, Бангладеш, Египет, Еритреја, Ирак, Судан и Палестина, кои од Турција до Грција дошле со брод, а за транспорт до Западна Европа, платиле по 1.500 евра.

Двата настана, го потврдија ставот на Европската комисија, која минатиот месец потенцираше дека го следи движењето на поранешната Балканска бегалска рута, дека „вкупната состојба е стабилна“, но дека во последниот период се забележува зголемување на бројот на мигранти и бегалци. И портпаролката на ЕК, Мина Андреева, тогаш повтори дека состојбата е стабилна уште од постигнувањето на договорот меѓу ЕУ и Турција, но дека Балканската рута не е затворена и дека е ноормално да постои движење низ неа. Според Андреева, ЕК и Европската погранична и крајбрежна агенција (Фронтекс) го следат развојот на ситуацијата на Балканот и низ постојана комуникација со сите членки на ЕУ и со државите од Западен Балкан, ја обезбедува потребната помош, преку 125 припадници на Фронтекс и е секогаш подготвена да реагира при евентуален мигрантски притисок.

Но, со подобрувањето на временските услови и покачувањето на температурите, повторно тргнаа бротчињата од Турција кон Грција, во која, на крајот на минатата година биле поднесени дури 69.000 барања за азил, а се проценува и дека најмалку уште неколку илјади нелегални мигранти имаат таква желба. Останатите, кои продолжуваат кон државите на Западна Европа, ја зголемуваат и фреквенцијата на мигрантите и бегалците низ македонската територија.

Така, македонската полиција редовно известува за акциите кои ги спроведува за спречување на транспорт на мигранти и бегалци со возила.

На 31-ви март, на магистралниот пат Удово-Демир Капија полицајци од Валандово пронашле тело на 27-годишен мигрант од Бангладеш, со уште 14 мигранти - негови сонародници и Пакистанци, од кои шестмина биле потешко повредени, откако возачот им наредил да скокнат од возилото, затоа што ја забележал полицијата. Телото на починатиот било предадено на обдукција, а поредените се пренесени во болниците во Гевгелија и Кавадарци.

Во друга несреќа, на почетокот на април, мигрант од Пакистан бил удрен од воз во движење додека се движел по пругата и со возлило на Итна медицинска помош од Гевгелија, бил прнесен во Клиничкиот центар во Скопје.

На 13-ти април, жител на кривопаланечкото село Петралица, бил уапсен на автопатот А1 кај Градско, откако полицијата во неговиот автомобил со скопски регистерски таблички, пронашла 11 мигранти од Авганистан, Сирија и Пакистан.

На 19-ти април во 04,30 часот наутро, на автопатот Скопје-Гевгелија, кај клучката Демир Капија, полициски службеници сакале да сопрат патничко возило со албански национални ознаки, при што возачот се обидел да им избега на полициските возила. Откако шверцерското возилото било запрено, во него биле пронајдени шест мигранти од Пакистан, но возачот сепак, успеал да избега.

Покрај зголемената фреквенција на возила со кои се шверцуваат мигранти и бегалци, деновиве се зголемува и бројот на оние кои пеш, движејќи се кон север, се обидуваат да ја минат македонската територија.

Дел од нив речиси редовно ја посетуваат куќата на хуманитарката Ленче Здравкин во Велес, која е нивно сврталиште и неформален прифатен центар, уште од 2015-тата година и прогласувањето на вонредната ситуација поради бегалската криза. Оттогаш, до средината на 2016-та, низ територијата на Македонија транзитираа околу 800.000 мигранти и бегалци.

И Здравкин која изминативе години речиси целосно им се посвети на несреќните луѓе, и на организирањето помош за нив, потврдува за Гласот на Америка на македонски јазик, дека деновиве повторно, зачестено ја посетуваат луѓе, кои во борбата за преживување или за малку подобар живот, се обидуваат преку Македонија да стигнат до Западна Европа.

Покрај помошта во храна, лекови, медицински материјали, облека и обувки на бегалците кои редовно ја посетуваат, деновиве, таа ќе го организира и годишното одбележување на споменот на 14-те загинати бегалци, кои во 2015-тата го загубија животот во сообраќајните несреќи на македонските пруги. Крај поставениот споменик во селото Раштани, како заедничко обележје на несреќниците прегазени од возови, исламски верски службеник на одбележувањето ќе одржи и последна молитва за нив. Од настанот крај споменикот што досега со асистенција на хуманитарката Здравкин, го посетиле претставници на семејствата на тројца од загинатите бегалци, ќе биде испратена и порака – „Никогаш да не се повтори!“

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG