По вчерашната победа на ВМРО ДПМНЕ во првиот круг на претседателските избори, лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, од митингот во Струга рече дека македонските граѓани вчера покажале оти не сакаат да бидат под јаремот на стотина души на ДУИ со држава дадена на услуга на Али Ахмети.
„Народот покажа дека е посилен од секое сценарио, од секоја шема направена од истите политичари, кои со години крадат и се богатат на грбот на сиромашниот и напатен народ. Изборите вчера беа одговор за тоа што ја одземаа контролата на државата, затоа што донесоа предавство, понижувања и криминали“, рече Мицкоски.
И покрај големата победа, работата не е завршена. Финалето следи на 8-ми мај. Имаме противник кој нема да жали средства и методи за да си ги задржат фотелјите, порача Мицкоски.
„Знам дека ќе се обидат да уценуваат овие денови, посебно тие од ДУИ, за да излезат на претседателските избори во вториот круг. Тоа не е воопшто државотворен чекор, тоа не е воопшто државотворен чекор на политички партии, кои се претставуваа изминатите години не само дома, туку и во меѓународната заедница како државотворни партии. Знам дека ќе се обидат да уценуваат со подли сценарија, се со цел да не успее вториот круг од претседателските избори“, додаде тој.
Мицкоски повика и на сеопшта поддршка од сите во државата.
„Повикувам на сеопшто државно обединување на народот и сите сегменти на општеството против оваа Влада. Ги повикувам сите и стари и млади и Македонци и Албанци и Турци и Срби и Бошњаци, Роми, Власи, сите граѓани да се приклучат. Ова не е само моја и наша битка, туку битка на народот против оваа власт“, рече Мицкоски.
Претходно од Охрид, претседателот на ВМРО ДПМНЕ, рече дека во однос на можните постизборни коалиции, тој веќе разговарал со некои од политичките чинители во државата, без да ги открива нивните имиња. Вели дека потенцијалот е огромен и оти се добредојдени сите антивладини политички партии, мислејќи на сите партии кои се опозиција на Владата на СДСМ и ДУИ.