“Македонија за сите луѓе” е новиот концепт на ВМРО-ДПМНЕ, кој од Охрид, на 31-виот роденден на партијата го најави лидерот на најголемата опозициска партија во земјава, Христијан Мицкоски. Тој рече дека ова ќе значи пресврт и ново доба во функционирањето на партијата, чија основа била грижата за земјава во секој поглед, национален, културен, општествен и економски.
„ВМРО-ДПМНЕ е партијата, која секогаш ги водела најтешките битки за својот народ, која имала заслужени подеми но и заслужени порази, која учела од грешките и како феникс се издигнувала од пепелта затоа што и’ била потребна на Македонија. Македонија за сите луѓе, тоа е новата политичка стратегија на ВМРО-ДПМНЕ. Светоглед согласно со кој ние ќе дејствуваме. Платформата со која ние ќе допреме до секое срце, до секој еден наш граѓанин. Силата која ќе ги обедини сите искрени и чесни граѓани кои си ја сакаат Македонија и кои сакаат својата иднина да си ја градат овде. Сакаме да му кажеме на народот која е нашата визија, мојот сон за нашата заедничка Македонија. Време е да се крене земјата од оваа економска и национална девастација“ ,порача Мицкоски од Охрид“.
Мицкоски најави и ново визуелно ребрендирање на партијата, односно трите бои на патриотизмот, прераснуваат во осум, нешто што значело дека сите треба да се обединат, да се здружат, да си подадат рака, бидејќи спроти нив имале сериозен противник, кој не бирал средства и кој работел спроти макeдонските национални интереси.
Мицковски најави и обединување на опозицискиот блок.
„Се обраќаме кон сите кои своите идеали кои ги наоѓаат во десниот политички спектар од нивниот центар до крајната десница. Не е доволно да кажете дека жицата македонска нема да ја скинам и да му се насмеете на некој бирократ во Брисел и да мислите дека сте ја завршиле работата. Успехот во политиката се гледа во тоа колку проблеми сте решиле. Иднината е наша кога народот и луѓето на Македонија ќе се изборат за она што им припаѓа. Неминовно е обединување на опозицискиот блок и тој процес кој веќе е започнат го официјализираме денес. И, натаму очекувајте конкретни резултати. Македонија е на сите луѓе, на сите партии, групации, индивидуалци, кои си ја сакаат Македонија. И, затоа оваа битка е наша заедничка битка на сите нас, кои се против власта, предводена од СДСМ и Зоран Заев. Можеби помеѓу нас има разлики, но она на што не обединува е многу поголема“, рече Мицкоски.
На 31-виот роденден кој ВМРО-ДПМНЕ го прослави на Античкиот театар во Охрид, присуствуваа и претставници на помалите коалициони партии, симпатизери, членови, поранешни и сегашни функционери.
Facebook Forum