Линкови за пристапност

Мицкоски: ВМРО – ДПМНЕ треба да учествува во техничката Влада


Доколку нема претставник од опозициските парти од албанскиот политички блок во ДИК, ВМРО – ДПМНЕ ќе го преиспита членството во Комисијата. Премиерот Ковачевски без прецизен датум за лидерска средба околу техничката Влада

СКОПЈЕ – ВМРО – ДПМНЕ треба да учествува во техничката Влада, соопшти претседателот на партијата Христијан Мицкоски. На што се должи промената на ставот не соопшти но најави дека откако партиските тел ќе завршат со разгледување на ова прашање ќе се разгледуваат и евентуалните номинации за членови во техничката Влада кој треба да се формира на 28 јанури, 100 дена пред изборите.

„ Периодов што следува ќе имаме состаноци во рамките на партијата, Извршниот и Централниот комитет, тоа е мојот став, ќе видиме како понатаму ќе се развива тоа, каков ќе биде ставот на Извршниот и Централниот Комитет. Ценам дека е потребно учеството на ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада откако претходно понудивме да се интервенира законски да се избрише овој имплант, кој, според нас, а и според многу уставни експерти, е спротивен на Уставот“, рече Мицкоски.

Членовите на техничката Влада кои ќе бидат од редовите на ВМРО – ДПМНЕ, според лидерот на партијата, ќе имаат примарна задача да спречат нарушување на демократските процеси. Сепак за кандидатите јавноста ќе треба да почека.

„Мојот предлог ќе биде да номинираме личности што ќе имаат основна задача да го чуваат демократскиот процес бидејќи власта во изминатиот период, но и во периодот што следува, ќе се обидува по три основи да создава проблеми. Прво да завршат состаноците на органите на партијата, извршниот и централниот Комитет, да излеземе со јасен став по ова прашање со став кој ќе произлезе од самата структура и потоа можеме да дискутираме повеќе и да ги знаеме имињата и предлозите“, дополни Мицкоски.

Тој е дециден дека потоа ќе предложи законски измени и од 2025 или 2026 година да не постои обврска за формирање на техничка Влада на 100 дена пред изборите.

Од друга страна пак, премиерот Димитар Ковачевски денеска не соопшти кога би ја свикал веќе најавената средба со лидерите на парламентарните партии на која ќе се дискутира за техничката Влада.

„Тоа е на техничко ниво средба, така да веројатно ќе биде закажана по регуларен кабинетски пат и нема да биде проследена со медиумски помпезности“, изјави премиерот Ковачевски.

Претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски најави повлекување на членовите на партијата од Државната изборна Комисија (ДИК) доколку испразнетото место во Комисијата не се пополни со член претставник на опозициските партии од албанскиот политички блок.

XS
SM
MD
LG