Премиерот тврди дека земјата се соочува со можност за дестабилизација во наредниот период. Таквата потенцијална ситуација Христијан Мицкоски ја поврзува со политички структури. Не презицира кои се тие, но во денешната изјава јасно укажува на структури од претходната власт.“
„Имаме политички структури и сили во државата кои за да го заштитат украденото ќе злоупотребуваат и ќе манипулираат со одредена група на луѓе за да предизвика етнички инцидент за да можат да го заштитат богатството и се она што крадеа изминативе седум години од граѓаните без разлика на нивната етничка припадност. Токму тоа е единствениот начин да магнетизираат публика за најавената дестабилизација или организирање протести коишто ги планираат оваа есен. Не смееме како граѓани тоа да го дозволиме и како Влада и како претседател на Владата апелирам до граѓаните да не наседнуваат на овие милионерски заговори. Погледнете ја зградата недалеку од овде, додека тие таму издаваат и милиони заработуваат го злоупотребуваат граѓанинот“, вели Мицкоски.
Премиерот не кажува како владата ќе се справи со таквите можни ситуација. Но, затоа најавува дека оваа есен институциите ќе се, како што рече, занимаваат со владејачките структури од изминатите седум години кога неговата ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција.
„Јас реков дека од есен ќе сведочиме за тоа што се случувало изминатите седум години, за многу работи, не само за ова, ова е само почеток. Ќе има многу луѓе кои што денеска гледаме се силни позади говорницата во Парламентот и во прашална форма поставуваат прашања од партиска говорница. Но, ќе видиме сега како ќе изгледа сето тоа кога обвинителството и истражните органи ќе треба да се позанимаваат со сите оние злоупотреби што се случуваа изминатите седум години“, додава Мицкоски.
Безмалку во истовреме, но во Струмица, една од ретките општини со кои раководат социјалдемократите, новиот лидер на партијата ја обвини владата дека, својата неспособност се обидува да ја прикрие политизирајќи ја работата на синдикатите кои бараат поголеми плати.
„За време на нашето владеење од седум години покажавме што значи вистински да се мисли на работниците, во континуитет да се зголемува нивниот стандард и квалитетот на нивното живеење. Владата на ВМРО-ДПМНЕ уште од почетокот кажува дека не само што нема да го зголеми квалитетот на живеењето туку, напротив, ќе го намалува со тоа што кажува дека не може да најде пари за зголемување на платите, нешто што сите го очекуваат. Што да мислиме ако не дај Боже повторно стане некоја криза. Што ќе биде со државата ако ВМРО-ДПМНЕ ги води Владата и државата во време на криза, веројатно некој ‘гејм овер’“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Новата коалициска влада на ВМРО-ДПМНЕ, Знам и „Вреди“ е под притисок од синдикатите да ги испорача ветувањата за повискои плати, граѓаните очекуваат подобрување на животниот стандард, создавање поефикасна администрација, независно судство, креирање услови кои ќе ги задржат младите во земјата. Истовремено, меѓународната заедница, пак, очекува дека владата ќе остане на проевропскиот курс и ќе го динамизира процесот на пристапување кон Унијата која зависи и од исполнување на реформите, но и од затворање на прашањето на уставните измени.