СКОПЈЕ-Четириесетина минути траеше средбата на Илинденска број 2 на која присуствуваа претседателката на Судскиот совет Весна Дамева и премиерот Христијан Мицкоски. Средбата е на барање на Дамева а се разговарало за планот и предлозите на Судскиот совет за подобрување на состојбата и враќање на довербата на граѓаните. Мицкоски по средбата остана на ставот дека треба распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.
Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, кажа дека мора да има институционална соработка за подобрување на состојбата и дека судската и извршната власт не се соперници а граѓаните заслужуваат правда и правна држава.
„Судската и извршната власт сметам дека не треба да се гледаат како соперници туку како соработници. Таа меѓусебна институционална соработка е многу важна за наредните чекори и резултати, се со цел враќање на довербата кај граѓаните. Граѓаните заслужуваат неселективна правда и правна држава. Целосна имплементација на препораките од оценската мисија зависи од заложбите, Судскиот совет веќе ги имплементираше“, рече Дамева.
Мицкоски пак ја окарактеризира како безбедносна закана, состојбата во судството и довербата на граѓаните во судскиот систем. Не коментираше што имало во предлогот за реформи на Дамева и најави дека ќе биде доставен до министерството за правда.
„Ако немате правна држава, владеење на право, ако имате високо ниво на криминал и корупција тоа е безбедносен проблем. Тоа го кажале многу поискусни од мене. Ние како Влада имаме основна задача да ја заштитиме државата и граѓаните доколку се појави безбедносен проблем. За нас невладеење на право, криминал, перцепција за корупција и елитите се безбедносен проблем за нашата држава и ние како Влада мора да реагираме. Во овој период ќе собираме предлози и идеи и потоа ќе излеземе пред јавноста. Ние стоиме на ставот за распуштање на институциите Совет на јавни обвинители и Судски совет. Не очекуваме брзи резултати туку очекуваме напредок со кој ќе го превенираме овој безбедносен проблем“, рече Мицкоски.
Премиерот најави дека во следниот период очекуваат да им бидат доставени предлози за реформи во судството кои потоа ќе ги разгледа Владата.
Проблемот го лоцираше во самите институции кои немаат капацитет да ги спроведуваат законите и владеењето на правото.
„Немојте да мислите дека немаме добри закони или не сме ги следеле препораките на оценските мисии. Тие кои треба да ги имплементираат законите не го прават тоа. Врховен судија и претседател на совет на обвинители се фатени во мито во рака и се спогодуваат. Судски совет, Совет на јавни обвинители и Академија за судии и обвинители. Ова се трите институции. Луѓето кои ги избираат треба да ја донесат правда. Дали тефтерчињата од минатото се заменети со тефтерчиња од сегашноста. Тоа е суштината. Дали тие луѓе кои ќе го поминат овој филтер и ќе се катапултираат во обвинителско судските кругови се лојални на правото законите и Уставот или на некој кој ги катапултира. Нема да имаме никаков напредок доколку овие институции не ги ослободиме од политички влијанија“, рече Мицкоски.
На денешната средба не станало збор околу барањата за одвоговорност и евентуално разрешување на судијата Пајазит Пајазити од скопскиот Кривичен суд кој му одреди мерка куќен притвор на лице барано со меѓународна потерница за воени злосторства.