Линкови за пристапност

Мицкоски: Ако Уставен суд пресуди државата ќе ги врати парите собрани од „солидарен данок“


Ако Уставниот го поништи законот парите – речиси 50 милиони евра ќе се враќаат од Буџет а премиерот Мицкоски смета дека треба да се испитува евентуална одговорност при носењето на овој закон. Бизнис секторот е дециден дека законот мора да се поништи а собраните пари да се вратат.

СКОПЈЕ – Иако Владата не достави мислење до Уставниот суд околу т.н. „солидарен данок“ премиерот Христијан Мицкоски денес соопшти дека Владата ќе ја почитува одлуката која ќе биде донесена без разлика на исходот односно без разлика дали ќе треба да се враќаат пари од државната каса или не. Доколку Уставен суд донесе таква одлука со ребаланс на Буџетот ќе се обезбедат речиси 50 милиони евра кои евентуално ќе треба да се вратат на компаниите а истовремено премиерот Мицкоски го отвори и прашањето дали потоа и ќе се бараат камати на овие средства.

„Ако донесат таква одлука што да правиме. Ќе ги вратиме тие пари. Ќе скратиме од нешто друго, ќе направиме ребаланс. Тие пари мораме да ги вратиме. Одлуките на Уставен суд се конечни и не може да се коментираат. Но исто така ќе ја разгледаме можноста за кривична одговорност на тие што донесоа одлука на овој начин да се води економијата бидејќи де факто луѓето се оштетени. Може утре и камати да ни бараат ако донесе таква одлука Уставен суд“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на Влада

Мислењето на Владата кое го побара Уставниот суд требаше да биде доставено до почетокот на неделава но не е задолжително и постапката по овој предмет во уставен продолжува.

Бизнис секторот неделава повтори дека останува цврсто на ставот дека „солидарниот данок“ треба да се поништи а парите да се вратат кај фирмите.

Пред уставните судии има три опции за одлучување. Првата е да се укине, што би значело во иднина овој закон да не може да се применува ниту да се донесе идентичен закон. Втората опција е законот да се поништи и само во овој случај државата ќе треба да ги врати парите од данокот додека третата е да се запре постапката но таа во судската пракса се применува многу ретко.

Разгледувајќи ги поднесените иницијативи ставот на повеќето уставни судии е дека има елементи на нарушување на уставноста, бидејќи со данокот се повредува владеењето на правото, компаниите се доведуваат во нерамноправен однос, тој е ретроактивен и лошо е толкувана директивата на ЕУ на која се повикува овој закон.

Законот за солидарен данок се донесе во сепрември во 2023 година. Се оданочија околу 150 фирми. Тие платија дополнителен данок на државата и се собраа околу 50 милиони евра.

Седницата на која ќе се расправа за уставноста на законот треба да се одржи на почетокот на февруари.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG