Предметот „Феникс“ дополнително ја заостри политичката ситуација во земјата. Случајот за злоупотреба на службената положба и перење пари при набавката на 11 споменици од „Скопје 2014“ за кој меѓу осомничените се некогашниот врв на ВМРО-ДПМНЕ - Никола Груевски, Зоран Ставревски Елизабета Канческа-Милевска, како и екс-градоначалниците Виолета Аларова и Владимир Тодоровиќ, лидерот на опозицијата денеска го нарече дефокусирање на јавноста од клучните прашања и театар за граѓаните. Христијан Мицкоски вели дека не гледа дело во „Феникс“. Но, затоа пак, тој гледа незаконитост во поставувањето споменици во западниот дел од Македонија, алудирајќи дека зад тоа стои владејачката ДУИ.
„Тоа што беше театар пред јавноста, а што беше прикажано пред некој ден, а вие го нарековте случај ‘Феникс’ е исклучиво со една цел, а тоа е дефокусирање од јавното мислење, за да се дивергира од оние кои денеска купуваат со десетици милиони евра имот во центарот на Скопје. Ако имало дело тоа ќе било решено пред 7, 8, 9 години. И второ, продолжува на тој начин да се негира македонскиот идентитет зашто така се фрла сенка на идентитетските обележја, односно тие споменици кои имаат за цел да прикажат историски континуитет на битката на македонскиот народ за своја држава и битката за својот сопствен идентитет. Можеби е добро со камерите да појдете до споменикот во Слупчане и таму да прашате кој ја дал дозволата за градба, кој и како го финансирал. И го охрабрувам тој истиот обвинител да отвори една таква предистрага, барем нека се охрабри предистрага да отвори. Или може сакате да одиме до Зајас, до Колари, или сакате до уште неколку места да ве однесам во Македонија каде што има такви нелегални градби и каде има основано сомневање за еден поспектакуларен случај од овој кој служи за дефокусирање од криминалите на овие неколку семејства кои денеска ја имаат заробено Македонија“, рече Мицкоски.
Но, Мицкоски тука не застана – одговори и на обвинувањата на ДУИ дека „Феникс“ дополнително покажува дека неговата партија е криминализирана. Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ не го поштеди ниту лидерот на ДУИ со кого, десет години, беа заедно во власта. „Ахмети ќе заврши како обичен криминалец“ – е пораката на Мицкоски.
„Тој човек, кој себеси се претставуваше како борец за човекови права пред 20 години, изгледа раководен од неколкумина околу него, ќе заврши како човек длабоко вплеткан во криминал. Но, за жал, го вплеткува и сопственото семејство. Тоа не е добро. Би го советувал тие малкумина советници околу него кои на овој начин го советуваат да испраќа пораки во јавноста, или да ги промени позициите на кои се, или да престане на овој начин да го вплеткува сопственото семејство. Имаше шанса голема, но како што одминува времето, тој не само што ја пропушта таа шанса, туку е и пред сопствениот политички крај како обичен криминалец“, рече Мицкоски.
Ова денеска беше втор удар за ДУИ откако поранешниот шеф на влијателниот чаирски огранок, Изет Меџити, ја најави можноста фракцијата на „Огнените“ да формира ново политичко движење. Оваа опција „Огнените“, кои подолг период бараат, како што велат, демократизација во ДУИ и заминување на неколку актуелни функционери, ја ставаат „во игра“ по вчерашните внатрепартиски избори со кои 14 ограноци на ДУИ, вклучувајќи го и Чаир, добија нови претседатели – чекор кој фракционерите го сметаат за не статутарен.