Линкови за пристапност

Мичиген ја тргна прокламацијата за македонско наследство од веб-страницата, бугарскиот конзул во Чикаго се жалел


Обединетата македонска дијаспора (ОМД), на чија иницијатива беше донесена прокламацијата, рече дека поднела жалба до ФБИ за транснационална репресија против бугарскиот генерален конзул во Чикаго
Обединетата македонска дијаспора (ОМД), на чија иницијатива беше донесена прокламацијата, рече дека поднела жалба до ФБИ за транснационална репресија против бугарскиот генерален конзул во Чикаго

Генералниот конзул на Република Бугарија во Чикаго Светослав Станков, испратил писмо до канцеларијата на гувернерката на Мичиген Гречен Витмер, во кое реагира за прокламацијата со која септември оваа година беше прогласен за месец на македонско-американското наследство во оваа сојузна држава.

Тој бара средба со нејзиниот тим за да се најде решение за заштита на наследството на македонско-бугарската заедница во Мичиген, оти, како што вели, растела загриженоста дека прокламацијата ќе се искористи „за унапредување на себичните цели на северномакедонските националисти, вклучително и за културно присвојување на наследството на бугарските Американци“.

Во прокламацијата минатиот месец Витмер напиша дека е важно да се истакне придонесот и културното влијание на македонските Американци, кои придонесуваат за американската култура преку „бизнис, спорт, уметност, политика, медицина, право, култура, кулинарски вештини и бројни други области“.

Прокламацијата повеќе не може да се најде на веб-страницата на гувернерката Витмер.

„Прво би го истакнал добро познатиот факт дека Македонија е географски регион, кој спаѓа во територијата на четири различни суверени држави: Бугарија, Грција, Албанија и Северна Македонија (поранешна југословенска република, независна од 1991 година). Терминот „македонски“ немаше и не може да носи никаква референца на конкретнa македонскa етничка група во годините пред 1944 година“, се вели во писмото.

Станков вели дека тој и бугарската заедница се загрижени оти прокламацијата навела дека над половина милион Американци со македонско потекло живеат во САД, без да ја прецизира нивната етничка припадност или периодот на пристигнување во САД.

Според неговото писмо, таквата „генерализација без извори ги храни обидите за културно присвојување на современите северномакедонски националисти“.

Тој, меѓудругото, објаснува и дека по „комунистичкото преземање на Југославија по 1944 година, комунистичката власт насилно промовираше нова македонска етничката припадност со цел да се обезбеди социјална и политичка кохезија. Прекувремено, дел од населението го прифати овој идентитет“.

Гласот на Америка на македонски побара коментар за писмото и од бугарскиот конзул Станков и од гувернерката на Мичиген, но до објавување на текстот не добивме одговор.

Обединетата македонска дијаспора (ОМД), на чија иницијатива беше донесена прокламацијата, рече дека ќе бара заштита од ФБИ поради притисокот од бугарската влада.

„Денес поднесов жалба до ФБИ за транснационална репресија против бугарскиот генерален конзул во Чикаго Светослав Станков. Тој ме напаѓа лично мене и другите членови на Обединетата македонска дијаспора врз основа на нашиот етнички идентитет, вклучително и вербални напади врз лица на македонски настани. Ова е тактика на бугарскиот режим да ги замолчи Македонците во странство, особено во САД, и ние нема да го дозволиме тоа“, изјави за Гласот на Америка на македонски коосновачот и волонтерски претседател на ОМД Методија А. Колоски.

Освен Мичиген, септември 2023 година беше прогласен за месец на македонската култура во САД и во сојузната држава Илиноис, како и во градот Чикаго.

Градоначалникот на Њујорк Ерик Адамс, пак, го прогласи 16 септември за ден на македонското наследство.

Во јули, републиканскиот сенатор од Индијана Мајк Брон, претстави резолуција во Сенатот да се прогласи септември 2023 година за месец на македонско-американско наследство во САД, кога ќе се слават јазикот, историјата и културата на македонските Американци.

Резолуцијата спонзорирана од Брон, кој е единствен сенатор што е член на групата пријатели на Македонија и македонските Американци во Конгресот, прво треба да биде одобрена од сенатскиот комитет за судство, пред за неа да гласа целиот Сенат.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG