Линкови за пристапност

Мишел Обама апелира за поддршка на образованието на девојчињата во светот


Иницијативата на првата дама на САД се случува на 11-ти октомври, Меѓународниот ден на девојчињата, прогласен од Советот за безбедност на ОН во 2011-та година.

Првата дама Мишел Обама апелира за помош на девојчињата ширум светот, со цел, да ги надминат пречките и да го добијат потребното образование за да имаат продуктивен живот, полн со знаење.

Иницијативата се случува на 11-ти октомври, Меѓународниот ден на девојчињата, прогласен од Советот за безбедност на ОН во 2011-та година, а чија основа е препознавање на „правата на девојчињата ширум светот и уникатните предизвици со коишто се соочуваат “.

Во напис објавен на Интернет-страницата на тв-мрежата ЦНН (CNN), американската прва дама повика на поддршка на „Дозволете им на девојчињата да учат“ (Let Girls Learn), глобален напор за промоција на оние девојчиња кои немаат можност да одат на училиште.

Мишел Обама вели дека инспирацијата за иницијативата ја добила по средбата со Малала Јусафзаи пред неколку години. Јусафзаи беше застрелана во пределот на главата од страна на Талебан во Авганистан, заради тоа што се обидела да оди на училиште.

„Согледав дека терористите кои за малку ќе ја убиеја, се обидуваа да ја замолчат, да и` ги скратат амбициите и да и` ја одземат моќта. Постојат десетици милиони девојчиња како Малала во секој дел од светот, девојчиња кои се бистри, работливи и жедни за образование“, истакна Обама.

Минатото лето првата дама на САД ги посети Либерија и Мароко, каде, како што кажа, многу девојчиња се соочуваат со проблемот да добијат соодветно образование. Заедно со актерките и активистки Мерил Стрип и Фрида Пинто, како и водителката на ЦНН, Ајша Сесеј, ги охрабруваше девојчињата кои страдаат од сиромаштија, секојдневно се соочуваат со опасности додека одат или се враќаат од училиште, коишто, заради културата во тие земји, се соочуваат со притисок да не одат на училиште, да се омажат и да имаат деца.

„Но овие девојчиња имаат големи планови во животот“, вели Обама. „Сакаат да завршат високо образование, да станат лекарки, професорки, инженерки, бизнисменки. Со секој изминат ден, прават се` што е потребно да го добијат потребното образование за да ги остварат своите соништа“.

Обама подвлече дека таа е типичен пример дека соништата на девојчињата може да станат реалност, додавајќи дека ниту нејзините родители, ниту повеќето соученици од соседството во Чикаго, каде израснала, немале услови да завршат високо образование. Сепак, Мишел Обама успеала да дипломира на два светски најпрестижни универзитета, Принстон и Харвард, благодарение на „макотрпна посветеност и работа и голема финансиска помош“.

И покрај тоа што како прва дама, таа нема овластување да носи закони или буџети, вели дека иницијативата „Дозволете им на девојчињата да учат“ од минатата година, наваму, процветала. Бројни држави и некои од најголемите компании во светот, донираа средства во програмата. Канада, Мексико и Нордиските земји соработуваат со земјите како Јапонија, Јужна Кореја и Британија и ветија речиси 600 милиони долари помош. САД инвестираат со над една милијарда долари и ја спроведуваат програмата во преку 50 држави ширум светот. Светската банка ќе инвестира 2,5 милијарди долари во наредните пет години.

XS
SM
MD
LG