Секоја од првите дами на САД има своја кауза по која сака да биде запаметена. Но, освен по нивната улога во заедницата, сопругите на американските претседатели ќе останат запаметени и по нивниот стил. Голема улога во впечатливоста на стилот игра и фризурата.
Многумина кои секојдневно минуваат на 18-тата улица во северозападен Вашингтон, во областа Адамас Морган, не знаат дека тука работи фризерката на поранешната прва дама на САД Мишел Обама.
Мој сон беше да работам во Белата куќа. Тоа си го поставив како највисока цел на почетокот на кариерата.Лин Вуден, фризерка од Вашингтон
Кога пред речиси 20 години, Лин Вуден ја започнувала фризерската кариера не ни сонувала дека ќе ѝ прави фризура на првата Афроамериканка - прва дама на САД, Мишел Обама.
„Мој сон беше да работам во Белата куќа. Тоа си го поставив како највисока цел на почетокот на кариерата,“ вели Вуден.
Но, патот до Белата куќа не бил едноставен. Обезбедила повеќе препораки, ја интервјуирал постојаниот стилист во Белата куќа и поминала низ детални безбедносни процедури. Дури потоа ѝ било понудено да биде алтернативен стилист на Мишел Обама за време на мандатот на нејзиниот сопруг.
Вели дека никогаш нема да ја заборави првата средба со Мишел.
„Кога влегов подадов рака да ја поздравам, но таа ме прегрна. Тоа беше прекрасно искуство, иако имав голема трема. Таа е прекрасна личност, многу софистицирана, топла, нежна,“ вели Вуден.
Таа вечер двојката Обама за прв пат излегувала на концерт откако почна мандатот на Обама.
„Седеа во претседателската ложа во Кенеди центарот. Оваа слика од Мишел е од таа вечер,“ вели таа, покажувајќи на фотографијата од поранешната прва дама која сега е прикачена над фризерскиот стол на кој работи Вуден.
Колегите на Лин во фризерскиот салон „Бил Лоренс“ воопшто не се изненадени што токму Лин била избрана како алтернативен фризер во Белата куќа.
„Ја познавам Лин уште кога бевме заедно на Ховард универзитетот. Таа е еден од најдобрите стилисти во Вашингтон. Работела со многу познати личности, политичари, пејачи, актери. Но, најважно од се е што овде сите клиенти ги третираме подеднакво, со целосно внимание без оглед на нивниот статус или раса, “ вели Бил Лоренс, сопственик на фризерскиот салон „Бил Лоренс“.
А добриот глас надалеку се слуша. Во салонот велат дека често доаѓаат муштерии кои бараат фризура како некоја од првите американски дами.
„Првите дами на САД се најгледаните жени на светот. Џеки Оназис и Ненси Реган имаа одличен стајлинг. Мишел Обама е многу модерна, ги избира вистинските бои. Меланија Трамп е исклучителна. Првите дами на САД ќе останат запаметени како едни од најмодерните жени на светот,“ вели Вуден.
Но, таа е согласна дека уште поважно е каков пример генерално се тие за девојчињата и за жените.
Каузата на првата дама на САД Меланија Трамп е да се бори против насилството во училиштата.
Нејзината претходничка Мишел Обама спроведуваше проекти за намалување на детската дебелина.
Ненси Реган работеше на подобрување на добросостојбата на жените и семејствата.
Барбара Буш го промовираше волонтеризмот, а Џеки Оназис љубовта кон книгите.
Facebook Forum