Американската прва дама Мишел Обама пристигна во Хаити за куса посета, три месеци по земјотресот што ја опустоши карипската држава.
Таа запре во Порт-о-Принс во вторникот заедно со Џил Бајден, сопруга на потпретседателот Џо Бајден, во претходно ненајавена посета. Првата дама е на пат за Мексико како дел од нејзиното прво официјално патување во странство без нејзиниот сопруг.
Белата куќа вели дека посетата е дизајнирана со цел да се нагласи американската определба за помош на Хаити во опоравувањето и повторната изградба од земјотресот со јачина од 7.0 степени што уби најмалку 217 илјади луѓе и остави многумина бездомни.
Кусо време по пристигнувањето двете жени со хеликоптер направија облетување над Порт-о-Принс, каде многу преживеани од земјотресот живеат во големи шаторски заедници. Првата дама исто така треба да се сретне со претседателот на Хаити, Рене Превал, и ќе ја посети болницата за деца.