Сега е време да се поддржат храбрите одлуки и реформи, изјави Мајкл Карпентер, поранешен заменик-помошник секретар за одбрана на САД, коментирајќи ја претстојната одлука на европските лидери за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија.
„Многу е важно европските лидери да ѝ понудат на Северна Македонија пат до ЕУ членството. Видовме како децении на застој во решавање на спорот за името, охрабри популизам и доведе до стагнација“, изјави Карпентер за Гласот на Америка.
Тој го поздрави членството на државата во НАТО Алијансата, додавајќи дека „членството во ЕУ треба да биде следна цел за исполнување“.
Според првичните планови, оваа недела треба да се одржи Советот за општи работи, но, според најавите на министерот за надворешни работи Никола Димитров, не е исклучено овој Совет да се одржи со видео конференција.
„Правниците сега дебатираат дали на ваков начин можат да се носат одлуки или тоа ќе биде повторно со писмени коментари“, рече Димитров неодамна, на прес конференција во Владата.
Европската комисија стои цврсто на препораката да се отворат што е можно побрзо пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.
„Двете држави направија се` што беше побарано од нив и тие заслужуваат позитивна одлука“, изјави минатата недела за Гласот на Америка Ана Писонеро, портпаролка на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, која додаде дека сега одлуката е во рацете на земјите-членки.
Facebook Forum