Преговарачкиот тим на Канада и САД ги продолжува деталните трговски преговори во Вашингтон, со цел да се најде замена на Договорот за слободна трговија - НАФТА.
Разговорите доаѓаат откако САД и Мексико оваа недела се договорија за нов билатерален трговски договор, оставајќи ја вратата отворена за Канада да се приклучи и да го зачува трилатералниот трговски однос повеќе од 20 години.
Канадската министерка за надворешни работи Кристиа Фриленд на вчерашните разговори со американскиот трговски претставник Роберт Лајтајзер, рече дека разговорите поминале во конструктивна атмосфера.
Фриленд рече дека некои „значајни отстапки“, кои биле направени од страна на Мексико во врска со потеклото и изработката на автомобилски делови, ѝ дале на Канада оптимизам за престојните разговори во Вашингтон.
„Фактот што Мексико успеа да направи нешто, што претпоставувам дека е доста тешко да се направат такви отстапки, ќе придонесе за продуктивни разговори неделава“, рече Фриленд.
Не е јасно дали САД и Канада ќе ги решат долгогодишните спорови кои ги имаат во автомобилската и млечната индустрија.
Освен со американските колеги, Фриленд треба да се сретне и со мексиканските трговски претставници во Вашингтон.
Facebook Forum