Линкови за пристапност

Лопез Обрадор е нов претседател на Мексико


Борбата со корупцијата и иднината на американско – мексиканските врски ќе бидат дел од неговите приоритети

Шеесет и четиригодишниот политичар од левицата Андрес Мануел Лопез Обрадор, кој пред неколку децении стана познат во мексиканска политика како застапник за правата на домородното население, е избран за претседател на Мексико.

Вчера тој изјави дека примарната мисија на неговата Влада ќе биде ставање крај на корупцијата и неказнивоста.

Фокус на неговата Влада ќе биде и идната соработка со САД и претседателот Доналд Трамп, кој во претседателската кампања вети дека Мексико ќе плати за пограничниот ѕид.

Тензиите меѓу САД и Мексико дополнително се засилија со политиката „нула толеранција“, која вклучуваше одвојување на децата од родителите на границата меѓу САД и Мексико. Оваа практика беше ревидирана по силната осуда од јавноста.

Трамп вчера, на неговиот Твитер профил, му ја честиташе победата на Лопез Обрадор.

„Честитки за Андрес Мануел Лопез Обрадор, кој стана новиот претседател на Мексико. Очекувам да соработувам со него. Има многу да се направи, од што корист ќе имаат и САД, и Мексико“.

И канадскиот премиер Џастин Трудо ја поздрави победата на Лопез Обрадор на изборите.

Противниците на Лопез Обрадор, Хозе Антонио Миаде од владејачката ПРИ партија, и Рикардо Анаја од партијата ПАН, исто така, му посакаа успех во работата.

Мексико избра и членови на двата дома во Конгресот, како и девет гувернери. Ова беа едни од најголемите избори во поновата мексиканска историја, но, и едни од најнасилните - пред изборите беа убиени повеќе од 100 политичари.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG