Компанијата „Мета“, сопственикот на „Фејсбук“ и „Инстаграм“, соопшти дека ја прекинува својата независна програма за проверка на факти од трета страна и ја заменува со модел сличен на оној што го користи социјалната мрежа Икс на Илон Маск, каде што корисниците на платформата додаваат контекст и ги потврдуваат тврдењата на другите корисници.
„Мета“ прво ќе ја укине својата независна програма за проверка на факти во Америка.
Компанијата вели дека одлучила да ја прекине програмата бидејќи и експертите за проверка на факти имаат свои предрасуди. Наместо тоа, „Мета“ се свртува кон моделот наречен „белешки на заедницата“, каде што различни корисници меѓусебно ги проверуваат објавите.
„Видовме дека тој пристап функционира во Икс - каде што нивните корисници добија моќ да одлучуваат кога некои објави се потенцијално погрешни и им треба повеќе контекст“, рече директорот за глобални прашања на „Мета“ Џоел Каплан, во блог пост.
Асошиетед прес претходно беше дел од програмата за проверка на факти на платформите на „Мета“, но престана да учествува во неа пред една година.
Компанијата за социјални медиуми, исто така, вели дека планира да дозволи „повеќе говор“, кој вклучува укинување на некои ограничувања за одредени теми кои се дел од нормални, конвенционални дискусии, за да се фокусира на незаконски дејства и „екстремно сериозни прекршувања“ како што се тероризам, сексуална експлоатација на деца и слично.
„Мета“ вели дека во пристапот на градење сложени системи за модерација на содржината на своите платформи - отишла предалеку и направила „премногу грешки“ со цензурирање на премногу содржини.
Извршниот директор на компанијата Марк Закерберг, призна дека промените биле делумно поттикнати од политички настани како што е победата на Доналд Трамп на претседателските избори.
„Неодамнешните избори сè уште се чувствуваат како културна пресвртница каде што, уште еднаш, говорот е приоритет“, рече Закерберг во видеото објавено на Интернет.