Линкови за пристапност

Меркел во Вашингтон - Иран во фокусот


Еднодневната работна посета на германската канцеларка, уследи по неодамнешната средба на претседателот Трамп со францускиот лидер Макрон во Белата куќа

Претседателот на САД Доналд Трамп, денеска во Белата куќа е домаќин на германската канцеларка Ангела Меркел.

На посетите на високите европски државниците неделава во Вашингтон, се гледа како обид да се убеди Трамп, да не го отфрла Иранскиот нуклеарен договор, но и да ги изземе земјите од ЕУ од зголемените тарифи за челик и алуминиум за извоз во САД.

Меркел се наоѓа во еднодневна работна посета на Вашингтон. За време на заедничката прес-конференција со претседателот Трамп, таа кажа дека ќе продолжи со мошне тесни разговори со САД околу Иран.

Засега актуелната администрација не најавува дека и натаму ќе биде дел од Договорот постигнат во 2015-та година. Новоизбраниот државен секретар Мајк Помпео, за време на посетата на Брисел, кажа дека „има многу мала веројатност, САД да останат во Иранскиот нуклеарен договор“.

За време на неодамнешната посета на САД, францускиот претседател Емануел Макрон неколкупати го повика претседателот Трамп да не се повлекува од шестраниот договор, чии потписници се САД, Франција, Британија, Германија, Русија и Кина. Со документот, Иран се обврзува да ја запре нуклеарната програма, а за возврат ќе добие олеснување на меѓународните санкции.

Трамп Договорот со Иран, потпишан за време на администрацијата на Барак Обама, го нарече „најлош договор по кој некогаш се преговарало“. Тој смета дека на крајот на 10-годишниот договор, Иран брзо ќе постигне нуклеарен капацитет и ќе ги интензивира актуелните воени активности во Сирија, Јемен и Либан.

Францускиот претседател на крајот од посетата на САД, кажа дека верува оти Трамп, сепак ќе се повлече од договорот.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG