По историското гласање на Британија да ја напушти ЕУ, европските лидери почнаа да се произнесуваат по начините за натамошно одвивање на процесот.
Во денешното обраќање пред германскиот парламент, канцеларката Ангела Меркел, кажа дека иако Британија ќе ги загуби привилегиите што доаѓаат како членка на Унијата, земјата ќе остане близок сојузник на НАТО. Таа воедно предупреди дека ЕУ не смее да го изгуби фокусот од другите важни прашања, како мигрантската криза, останувајќи уште посилна и спречувајќи идни отцепувања.
„ЕУ е доволно силна да го апсорбира излезот на Велика Британија. Доволно силна е да функционира со само 27 членки и доволно силна да ги претставува своите интереси во светот. ЕУ е една од најголемите економски зони во светот, што гарантира мир, финансиска моќ и стабилност“, истакна Меркел.
Германската канцеларка сепак подвлече дека нема да се отпочнат формални разговори за излез на Британија од Унијата, се` додека земјата не почне официјална процедура да го стори тоа.
За време на вонредната седница на Европскиот парламент, комесарот Жан Клод Јункер кажа дека се надева оти Британија ќе ги задржи пријателските односи со ЕУ, но истакна дека преговорите нема да бидат возможни се` додека Британија не е сигурна за својата позиција.
Премиерот Дејвид Камерон изјави дека британсикиот парламент треба да ја ратификува одлуката, пред да почне процесот за излез. Тој веќе најави дека ќе поднесе оставка на функцијата.