Линкови за пристапност

Медиумски работници предупредуваат: Се прошири агресијата врз слободното известување


Нападнати новинари, повреден снимател. Груби навреди и дисквалификации кон новинарите. Тоа се дел од секојдневните реакции на ЗНМ и на ССНМ
Нападнати новинари, повреден снимател. Груби навреди и дисквалификации кон новинарите. Тоа се дел од секојдневните реакции на ЗНМ и на ССНМ

Последните неколку месеци се регистрирани серија пријави од медиумски работници во Северна Македонија за закани кон нив, вербални и физички напади и дисквалификации

Новинари и сниматели спречени да ја работат својата работа. Нападнати новинари, повреден снимател. Груби навреди и дисквалификации кон новинарите. Снимател вербално и физички нападнат во Северна Македонија. Ова се само дел од секојдневните реакции на ЗНМ и ССНМ. Нападите и заканите кон медиумските работници во земјава последните неколку месеци по ред, добиваат на интензитет.

Сашка Цветковска од Истражувачката репортерска лабораторија вели дека ситуацијата со безбедноста на новинарите и генералната состојба на медиумите станува се покомплицирана.

И жал ми е да кажам, во времето на Груевски, веќе не само што се вративме таму, туку се проширија и полињата на делување за агресија врз новинарите
Сашка Цветковска, ИРЛ

„И жал ми е да кажам, во времето на Груевски, веќе не само што се вративме таму, туку се проширија и полињата на делување за агресија врз новинарите“, вели Цветковска.

Токму во ИРЛ велат дека се секојдневно изложени на притисоци и закани.

„И далеку сме од оние резултати, на напредок кој ги бележеше земјата во 2017 година. Напротив сега има и нови предизвици. Тие вклучуваат енормен број на стратешки тужби, чија што задача е да го спречат јавното информирање. Вклучуваат стратешки напади, кои што се имплементираат, преку една мрачна структура од маркетинг агенции, газди на медиуми и добро платени новинари, кои за пари пишуваат текстови, колумни и сè што нарачателот бара“, објаснува Цветковска.

Со оваа работа вели Цветковска таквите се пресметуваат со своите колеги.

„Создаваат вознемирување, се вклучуваат во целата агенда и армија од ботови, кои шират лаги, клевети и влијаат на угледот на колегите. Сето ова е многу стресно, небезбедно и дефинитивно имаме поголем проблем од оној што го имавме“, додава Цветковска.

А, новинарката Рита Бехадини, во јули годинава, била цел на вербални напади и закани преку социјалните мрежи.

Иако сега имаме закон кој нè штити истиот не се имплементира целосно од институциите
Рита Бехадини

„По мојата реакција на моите социјални мрежи за сексистички јазик, кој што го користеше еден имам во Скопје, почнав да добивам навредливи пораки, коментари и закани. Лицето ми се закануваше дека ќе дојде кај мене на работа и со нож ќе ми го пресече увото. Овој пат ја пријавив заканата, затоа што сметам дека државата мора да не штити, а на луѓето да им биде јасно дека не може да пишуваат се на социјалните медиуми“, вели Бехадини.

Смета дека е потребно побрзо процесирање на ваквите случаи.

„Во последно време видовме многу случаи на напади на новинари во Северна Македонија. И ова го покажува степенот на опасност со кој се соочуваат новинарите кај нас. Иако сега имаме закон кој нè штити истиот не се имплементира целосно од институциите“, додава Бехадини.

Од ЗНМ побараа кривична одговорност за заканите кон Бехадини. Еден од последните случаи беше, кога беа нападнати новинарки и повреден снимател на ТВ Алсат, додека ги извршувале своите работни задачи. Инаку најновиот извештај на репортери без граници од мај годинава според глобалниот индекс на слободно новинарско работење Северна Македонија ја рангира на 38 место од 180 земји.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG