Дури 62 отсто од македонските граѓани немаат доверба во медиумите во земјава. Најновото истражување на Евробарометар за 2019 година, покажува дека недовербата во однос на ланската година се зголемила за 10 проценти.
Од Синдикатот на новинари и медиумски работници рекоа дека со оглед на долгогодишното уривање на медиумскиот простор во Северна Македонија не изненадува податокот дека недовербата во медиумите расте.
„Виновници за тоа има повеќе, односно може да се бараат и во новинарската фела и кај сопствениците на медиумите, но, и во државните институции. Овој податок укажува и го потврдува фактот дека реформите во медиумската сфера се потребни веднаш“, изјавија за Гласот на Америка од ССНМ - Синдикатот на новинари и медиумски работници.
Претседателот на Здружението на новинари на Македонија Младен Чадиковски, вели дека она на што постојано укажувале како ЗНМ, практично и се случува.
„Отсуството на реформи во медиумскиот сектор и немањето медиумска стратегија резултира со пад на довербата во медиумите. Има повеќе фактори за тоа. Прво, закочените промени во АВМУ и МРТ кои требаше да одат преку собранието и избор на новите раководни совети. Второ, во порастот на дезинформациите и неодговорноста на одредени политичари и некои таканаречени медиуми, политичарите како креатори на лажни вести и дел од онлајн порталите кои без факт-чекинг ги прифаќаат таквите дезинфромации, а некогаш учествуваат и во нивното креирање или спинување“, рече Чадиковски за Гласот на Америка.
Чадиковски вели дека ЗНМ и СЕММ веќе работат на Регистар на професионални онлајн медиуми и саморегулација, со цел професионализација на онлајн просторот.
Од друга страна вели дека ќе продолжат да вршат притисок во Собранието и Владата за конечен избор на новите раководства во АВМУ и МРТ.
Тамара Чаусидис, долгогодишен новинар и уредник во Призма.мк, вели дека причината лежи и во однесувањето на медиумите. Медиумите, вели таа, во континуитет ги третираат новинарите и новинарството како нужно зло, а не како носители на основната дејност.
„Публиката тоа го гледа и резултатот е недоверба. Оттаму и решението на проблемот лежи во причината за него, кога медиумите ќе почнат да му даваат значење на новинарството како јавно добро, како дејност која има задача да ги проверува, критикува и држи будни носителите на власта ќе се вратат и довербата и рекламите и релевантноста. Во меѓувреме самите медиуми си ја сечат гранката на која седат“, вели Чаусидис.
Мирче Адамчески, претседател на Комисијата за жалби при СЕММ (Совет за етика во медиумите на Македонија) вели дека ова не треба да претставува изненадување.
„Впрочем и претходната бројка беше 50 отсто од испитаниците кои немаат доверба во медиумите. Македонците не им веруваат на медиумите од едноставна причина, што тие не го заслужиле тоа. Причината е во тоа што медиумите не се професионални и се` уште се поделени по партиски или бизнис бои. Блиски се на една партија, независно која е таа и служат само како трансмитери на вести од тие партии. Никој нема против да сте определени за некоја опција, но, работата треба да се извршува пред се` етички и професионално. За жал тоа кај нас се уште го нема во сите медиуми“, вели Адамчевски.
Тој не е оптимист дека работите можат да се подобрат во блиска иднина.
„Како што во моментов стојат работиве, тие само ќе одат на полошо, а никако на подобро. Гледаме дека државата полека оди кон политичка криза која може да доведе до предвремени избори. Кога се избори во прашање, тогаш поларизацијата на медиумите е крајно опасна и неизбежна во наши услови. Така што нема место за оптимизам“, додава Адамчевски.
Весна Крстева, уредник во радио мрежа Канал 77, вели дека ситуацијата е таква поради се поголемиот број на лажни вести во медиумскиот простор.
„Лажните вести, оркестрираното информирање, спинуваните вести во голема мера придонесоа граѓаните да ја изгубат довербата во медиумите. Кампањите кои се реализираа изминатиот период за медиумска писменост на граѓаните со цел да се развие свеста кај нив за критичко мислење, можеби до некаде ќе ја променат ситуацијата, но, се` додека власта без разлика која, останува во спрега со одредени медиуми, сомнежот и недовербата ќе постојат и понатаму“, вели Крстева.
Таа додава дека постоењето на илјадници портали за кои што се знае кој стои позади нив, лажните вести и дезинформациите нема да се искоренат или барем намалат.
Од земјите од непосредното опкружвање, а кои не се членки на ЕУ, полошо стојат Србија, Црна Гора и Турција. Подобро рангирана е Албанија.
Facebook Forum