Линкови за пристапност

Медиумите уште се мачат да се ослободат од времето на Груевски, забележува извештај на Универзитетот Тафтс


Иако сега се послободни, има лимитирани реформи во медиумскиот простор, без промени во Македонската радио-телевизија, се вели во истражувањето

Една од најпознатите дезинформативни теории „Пицагејт“, за новодна мрежа на детска проституција раководена од семејството Клинтон, која масовно се рашири пред изборната кампања во САД во 2016 година, потекнала од Северна Македонија, забележува нов извештај на Универзитетот Тафтс, кој се фокусира на состојбата со дезинформациите на Западен Балкан.

„Изминативе години, Северна Македнија не само што извезуваше погрешни информации, туку доживеа и напори за дезинформирање од домашни и странски актери, како Русија и Унгарија“, се вели во извештајот.

Тој забележува дека Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН) и Проектот за истражување на организиран криминал и корупција, откриле група Унгарци, поврзана со унгарскиот премиер Виктор Орбан, која ја финансирала проопозициската локална телевизија „Алфа“.

„Слично, извештај од 2017 година направен од македонските служби за безбедност и контраразузнавање, забележува руски напори за влијание врз албанските медиуми со цел да се шират информации и дезинформации во поддршка на руските политички цели“, се вели во извештајот.

Во него стои дека „за време на владеењето на Груевски, медиумите едноставно станале продолжување на политичките партии“.

„Новата Влада на СДСМ, предводена од Зоран Заев, водеше кампања за борба против корупцијата и екстензивни реформи, вклучувајќи укинување на државното финансирање на приватните медиуми. Во пракса, медиумите се значително послободни од годините на Груевски. Сепак, направени се лимитирани формални промени во медиумскиот простор, без промени во Македонската радио-телевизија“, пишува во извештајот.

По отстранувањето на Груевски, Русија се обиде да ги спречи реформите што би ја доближиле Северна Македонија до Европската Унија и НАТО, обидувајќи се да го зголеми отпорот против Договорот од Преспа, потенцира извештајот.

„Напорите на Кремљ вклучуваа промовирање на насилни протести против промената на името и активна кампања на социјалните медиуми да се намали излезноста на референдумот“, се вели во истражувањето, кое нагласува дека обидот за спречување на договорот пропаднал, но, оти продолжиле руските напори за влијание преку дезинформативни кампањи.

„Многу Македонци мислат дека руското влијание се намалило по потпишувањето на Договорот, но, локалните експерти за дезинформирање велат дека Русија останува присутна“, истакнува извештајот.

Според него, Северна Македонија, дури и под новото лидерство, се мачи да заздрави по годините на очигледна медиумска заробеност од Владата на Груевски.

Во обиди да бидат подемократски, се вели во извештајот, медиумите сега се обидуваат да одвојат балансирано време на појавување на телевизија на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

„За жал, многу фигури поврзани со ВМРО-ДПМНЕ ја користат можноста да шират дезинформации“, додава извештајот, нагласувајќи дека моменталната ситуација со медиумите во Северна Македонија има голема потреба од реформи, соочувајќи се со партиски и меѓународно финансирани дезинформации.

„Домашните актери често се примарен извор или ги зголемуваат лажните наративи, многу често работејќи независно од надовршени сили. Локалните политичари наоѓаат иновативни начини да ја користат ‘заканата од дезинфрмирање‘ за да ги ограничат индивидуалните слободи и да го нападнат независното новинарство“, заклучува истражувањето.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG