Семејството на американскиот сенатор Џон Мекејн соопшти дека тој го прекинува медицинскиот третман за ракот на мозокот.
Во денешното соопштение се вели дека Мекејн „ги надминал очекувањата за тоа колку долго ќе живее“ кои биле направени минатата година откако тој бил дијагностициран со рак.
„Напредувањето на болеста и незапирливото стареење го сторија своето“ се вели во соопштението. „Со својата вообичаена сила на волјата, тој одлучи да го прекине медицинскиот третман“.
Мекејн беше подложен на третман од јули 2017-та година.
И покрај двете неуспешни кампањи за претседател во 2000-та и 2008-та година, Мекејн е од најистакнатите законодавци во Вашингтон. Тој и припаѓа на републиканската партија, но соработуваше со демократите по прашања како што се климатските промени, реформата на имиграционите закони и реформа за финансирањето на кампањите.
Мекејн минатата година се врати во Вашингтон на само две недели по операцијата за да го даде одлучувачкиот глас против укинувањето на Законот за здравствена заштита на претседателот Барак Обама. Тој гласаше против, иако републиканците се залагаа за укинување на законот.
Мекејн стана познат на јавноста откако беше затворен и измачуван во период од пет години за време на Виетнамската војна. Како сенатор, тој неколкупати го посети Виетнам и помогна во напорите за враќање на посмртните останки на загинатите американски војници.
Во 2016-та година, тој за Гласот на Америка изјави дека работел за да помогне во заздравувањето на односите меѓу САД и Виетнам.
Од декември навака, Мекејн живее во својот дом во сојузната држава Аризона.
Facebook Forum