Со меморијални служби во Аризона и Вашингтон ќе му биде оддадена почит на сенаторот Џон Мекејн, кој во саботата почина по едногодишна битка со рак на мозокот.
В среда, јавноста ќе може да се поклони пред ковчегот на Мекејн во сојузната држава Аризона, каде ќе се одржи приватна церемонија. Тоа е денот кога Мекејн требаше да наполни 82 години.
В четврток, пак, ќе се одржи приватна служба во Баптистичка црква во Северен Феникс.
Националните знамиња во Вашингтон се спуштени на половина копје, додека останките на Мекејн ќе бидат изложени во Конгресот на САД в петок, каде граѓаните, исто така, ќе може да му оддадат почит.
Мекејн ќе стане тринаесетиот сенатор, кој ќе биде изложен во Конгресот на САД, чест која е резервирана само за најистакнатите граѓани на нацијата.
В сабота ќе се одржи меморијална служба во Вашингтон, на која се очекува да зборуваат поранешните претседатели Барак Обама и Џорџ В. Буш.
Мекејн ќе биде погребан на гробиштата на Морнаричката академија во Анаполис, Мериленд, а неговиот гроб ќе биде веднаш до неговиот најдобар пријател од деновите на Академијата, адмиралот Чак Ларсон.