Американскиот потпретседател Мајк Пенс и се приклучи на нацијата во оддавање почит на покојниот сенатор Џон Мекејн, велејќи дека долгогодишниот законодавец и воен херој „служел на поголема кауза.“
„Претседателот ме замоли да бидам тука во името на нашата голема нација, да искажам почит за човекот кој и служеше на нашата држава во униформа и преку јавната функција“, рече Пенс на церемонијата која се одржа во ротондата на американскиот Капитол.
Стотици членови на Конгресот исто така присуствуваа на церемонија, која досега им беше оддадена на само 30 Американци низ целата историја на државата.
Ковчегот на Мекејн лежеше на дрвена платформа која за прв пат беше користена во 1865-та година на погребот на убиениот претседател Абрахам Линколн
Претседателот Доналд Трамп не беше поканет на денешната церемонија, ниту на погребот на Мекејн. За време на претседателската кампања во 2016-та година, Трамп го исмејуваше Мекејн затоа што бил заробен во Виетнам, и рече дека тој не е воен херој.
Наместо тоа, Пенс зборуваше на церемонијата на која присуствуваа и други претставници на американската администрација, меѓу кои и вдовицата на Мекејн, Синди, неговите седум деца и неговата 106-годишна мајка Роберта Мекејн.
Спикерот на Претставничкиот дом, Пол Рајан го опиша Мекејн како „патриот кој и служел на својата држава“ и како „еден од најхрабрите души што ги создала нашата нација“.
Во сабота во Националната катедрала во Вашингтон ќе се одржи служба на која ќе присуствуваат и поранешните претседатели Барак Обама и Џорџ В. Буш.
Тројца поранешни генерални секретари на НАТО побараа новото седиште во Брисел да биде именувано по Мекејн.
Поранешниот пилот, кој повеќе од пет години беше воен затвореник во Виетнам ќе биде погребан во недела, во Морнаричката академија во Анаполис, Мериленд.
Тој почина од рак на мозокот.
Facebook Forum