Линкови за пристапност

Замина голем патриот и херој


Американскиот сенатор Џон Мекејн почина викендов на 81 годишна возраст по битка со рак на мозокот.

Американците ќе се сеќаваат на него како на државник, горд патриот и самопожртвуван борец. Неговата сопруга, Синди, на Твитер меѓу другото напиша:

„Имав голема среќа да го сакам овој прекрасен човек 38 години. Замина како што живееше – под негови услови, опкружен со оние што ги сакаше, на место што најмногу го сакаше.“

Едно од петте деца на Мекејн, ќерката Меган, исто така на Твитер остави порака: „Бев со татко ми до неговиот крај, како што тој беше со мене на мојот почеток. За 33-те години што ги споделивме, тој ме порасна, ме учеше, ме поправаше, ми даваше комфор, ме храбреше и ме поддржуваше. Ме научи како да живеам.“

Кусо време откако беше објавена смртта на Мекејн, претседателот Доналд Трамп на Твитер изрази сочувство.

Мекејн беше најпознат по тоа што преживеал како заробеник во Северен Виетнам и по тоа што ја доби републиканската претседателска номинација во 2008. До крајот остана непоколеблив во вербата дека Американците се исклучителни.

„Ние сме благословени. Живееме во земја на слободни, земја во која се` е возможно“, Мекејн ова го кажа во октомври, неколку месеци по дијагнозата за рак на мозокот, во Националниот центар за уставност, каде прими Медалот на слободата. И додаде: „Ние сме благословени, но за возврат го благословивме човештвото“.

Во истиот говор тој зборуваше и за тоа што го виде како опасност од ерата на претседателот Трамп.

„Да одбиеме да бидеме меѓународни лидери и должноста да бидеме последната добра надеж на земјата за сметка на некој недопечен национализам, донесен од луѓе кои повеќе сакаат да наоѓаат жртвени јагниња отколку да решаваат проблеми, е непатриотски колку што е приврзаноста за стари догми што Американците ги оставија како куп пепел во историјата.“

Политичкиот историчар од Американскиот Универзитет Алан Лихтман за Џон Мекејн рече дека е вистински американски херој, не лажен херој-производ на медиумите.

Мекејн беше син на американски адмирал. Стана авијатичар на Морнарицата и леташе во бомбашки мисии за време на Виетнамската војна. Соборен и заробен од Северновиетнамци во 1967, издржал над пет години тортура како воен заробеник.

Децении подоцна, се врати во Виетнам во мисија за обнова на врските меѓу Вашингтон и Ханој, и како што рече за Гласот на Америка – да го остави зад себе минатото.

По нападите на 11-ти септември 2001-ва Мекејн ја осуди тактиката на тортура спрема осомничените терористи, но ја поддржа војната во Авганистан и Ирак.

Историчарот Лихтман вели дека слабоста на Мекејн била што премногу бил расположен да бара воено решение за проблемите. Но тој вели – „тоа беше нешто во кое искрено веруваше, а не нешто што го правеше од политички причини”.

На Капитол Хил беше познат по остриот јазик избувливост. Еден пример е кога со погрдни зборови се обрати на демонстранти против војната кои ја пореметуваа работата на комисија во сенатот.

Но, покажа и великодушност спрема неговиот политички противник Барак Обама во претседателска кампања на собир кога Обама беше нападнат. Го зеде микрофонот од жената и рече: „не, госпоѓо, тој е чесен семеен човек и граѓанин со кого јас имам различни гледишта.“

Мекејн ја изгуби претседателската трка, се врати во Сенатот и продолжи да се залага за силен ангажман на САД во светот и за силна американска армија. Претседаваше со Сенатската комисија за оружени сили.

Кога кандидатот за претседател Трамп го постави прашањето за неговиот статус на херој, затоа што бил заробен, тој не реагираше. Сепак, до крајот остана критичар на претседателот Трамп за стилот на раководење со државата. Тоа кулминираше со гласањето против по планот за здравствена заштита на Трамп, и беше единствениот сенатор што не гласаше за републиканскиот закон за промена на даночниот систем.

XS
SM
MD
LG