Линкови за пристапност

ССМ задоволен од работничките права во услови на економска криза


Но, стручњаците предупредуват на зголемување на класните разлики.

Светската федерација на синдикати повика 1-ви Мај, денот на трудот, да се одбележи со масовни протести на синдикалните организации поради влошените социјални права, а како последица на актуелната глобална економска криза.

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) се согласува дека работниците живеат во сложени социјални услови, но не го прифаќа повикот за протест.

„Ние како сојуз утврдивме три стратешки столба врз кои се базираат нашите активности. Првиот е да нема масовни оптпуштања во услови на криза, вториот е да нема намалување на платите и третиот, да нема зголемување на пензиската граница. Наша проценка е дека овие наши цели не се загрозени“, вели Живко Митревски, претседателот на ССМ.

Според него, успех е што во овие тешки услови ССМ успеал да се избори за гарантирана минимална плата која во Македонија изнесува 8.080 денари.

Наспроти ставот на ССМ, здруженијата за заштита на работничките права „Солидарност“ и „Ленка“ повикаа работниците во Македонија на 2-ти мај, наместо на традицоналниот излет и скара, да излезат на масовни протести со барање за подобрување на социјалните права.

ССМ е продолжена рака на власта која не води грижа за социјалните права, обвинија од „Ленка“. Во невладината организација сметаат дека правата на работниците се влошуваат. Платениот одмор, тврдат, од 26 е намален на 20 дена; од 5 години на 8 месеци е намалено правото на надоместок при технолошки вишок; се кршат редовно правото за прекувремена работа во приватниот сектор, како и правото на штрајк и сидикално организирање. За „Ленка“ е недозволиво што казната за работодавачите кои вршат притисок врз синдикалците, од 15.000 е намалена на 500 евра.

На проблеми со социјалните права укажуват и аналитичарите. Професорот Драган Тевдовски предупредува на растечкиот тренд на зголемување на класните разлики.

„Учеството во доходот на земјава на најбогатите 20% од населението се зголемува од 37% во 1998-ма година на 49% во 2009-та, и, веќе во 2009-та, најбогатите 20% од населението имаат скоро ист доход колку и останатите 80% од населението. Притоа, овој процес се одвива на сметка на најсиромашните 20%, вторите 20% (ниска средна класа) и третите 20% од населението (централна средна класа). Збирното учество во доходот на овие три групи се намалува, од 40% во 1998-ма, на 29% во 2009-та“, стои во анализата на професорот Тевдовски.
XS
SM
MD
LG