Линкови за пристапност

Секретарот за одбрана на САД се сретна со турскиот претседател


Американскиот секретар за одбрана Џим Матис, во Анкара имаше средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Претходно, Матис разговараше со неговиот турски колега, Нуретин Чаникли.

Матис е во еднодневна посета на Турција, откако беше во Ирак каде направи оценка на борбата против терористичката организација Исламска држава.

За време на разговорите, Ердоган на неколкупати го искажал несогласувањето со американската поддршка за курдската милитантна група, ЈПГ (YPG).

Турција е незадоволна со американската поддршка за сириските Курди, кои се борат против џихадистите на Исламската држава во северниот дел на Сирија. Анкара на групата ЈПГ (Курдски заштитни народни одреди) – гледа како на терористичка организација, која има врски со организацијата на курдските сепаратисти во Турција, позната како ПКК. Турција јасно стави до знаење дека не го поддржува американското испраќање на оружје за ЈПГ.

Пентагон започна да ја вооружува групата во мај, испраќајќи лесно оружје и возила. САД беа импресионирани од борбата на ЈПГ со Исламската држава.

Турција вели дека ќе стори се` што е потребно за спречување на Курдите во создавањето на сопствена држава на територијата преземена од Исламската држава. Ердоган сугерирал дека турските сили може да извршат воена операција од другата страна на границата, во градот Африн.

Ердоган беше цитиран од весникот „Хуриет“, велејќи дека „без разлика на цената, ние ќе ја извршиме неопходната интервенција“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG