Линкови за пристапност

Првиот човек на Пентагон во посета на Египет


Целта на посетата е да се поддржи земјата во нејзините остри анти-терористички мерки среде заканите на Синајскиот Полуостров

Секретарот за одбрана Џејмс Матис денеска беше во посета на Египет, каде се сретна со неговиот египетски колега Седки Соби и претседателот Абдел Фата ел-Сиси. Вашингтон со овој чекор и натаму ги затоплува односите со Каиро, за време на првите 100 дена на претседателот Трамп.

Матис положи венец на Споменикот на незнајниот јунак, по што се упати во Израел, неговата трета станица во рамки на турнејата низ Блискиот Исток, што започна во Саудиска Арабија.

Целта на посетата на Матис на Египет, беше да ја поддржи земјата во нејзините остри анти-терористички мерки среде заканите на Синајскиот Полуостров, и во одредени урбани области.

Во Либија пак, САД ја поддржуваат тамошната влада, додека изведуваат воздушни напади, помагајќи им на Либијците да ги истиснат милитантите на Исламската држава. Египет исто така бомбардирал цели на Исламската држава во Либија, но истовремено го поддржува либискиот воен командант Калифа Хафтар.

Во меѓувреме, египетски официјални лица ги порекнаа извештаите дека руски воени претставници поставуваат база во западен Египет. Американски претставници рекоа дека руското распоредување во земјата, би можело да биде обид да му се помогне на командантот Хафтар.

Официјално лице за Гласот на Америка изјави дека САД не се загрижени за руско влијание во Египет.

„Ќе им објасниме на Египќаните, како и на други арапски држави во регионот, дека преголемо зближување со Русија, не е во нивен најдобар интерес“, додаде истиот извор.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG