Линкови за пристапност

Мартина Баракоска, тапанарка: Секој ден е мала борба, трудот ги совладува стереотипите


Силата и енергичноста од тапаните, како инструмент, не ја диктира полот, туку доаѓа од техниката, вели 26-годишната Мартина Баракоска, тапанарка
Силата и енергичноста од тапаните, како инструмент, не ја диктира полот, туку доаѓа од техниката, вели 26-годишната Мартина Баракоска, тапанарка

Би сакала да сум тука, но и низ светот, да искусам разни можности и да се усовршам себе си, вели Мартина Баракоска, 26-годишна тапанарка, една од ретките македонски музичарки што професионално го свират тој инструмент. Има музичка академија, магистратура, но сè уште се соочува со родови предрасуди

Енергија, искреност и споделување. Тоа се трите збора со кои Мартина Баракоска, 26-годишна тапанарка се опишува себе си како музичарка која е една од малкуте во државата што активно свират на тапани.

„Ми беше многу фасцинантен инструмент. Додека растев слушав музика и тоа ми беше еден од најенергичните моменти во музиката. Тапаните се тие што ја диктираат енергијата во една песна, во едно музичко дело, во еден жанр“, вели Баракоска.

Мартина Баракоска: Полот не е пресуден за свирењето тапани
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:04 0:00

Инструментот почнала да го учи на 13-годишна возраст, а денес веќе е магистерка по џез тапани.

Обожавам да се изгубам, така да речам, во свирењето, без разлика дали свирам нешто сопствено или импровизирам

„Обожавам да се изгубам, така да речам, во свирењето, без разлика дали свирам нешто сопствено или импровизирам врз некаква постоечка музика“, објаснува Мартина и додава дека е многу лесно да почне да се свири на тапани.

„Но, да се усоврши и да имаш контрола, координација, допир и звук и сето тоа што те прави добар тапанар, треба постојано да се работи. На некој начин секој ден е мала борба со себе си“, вели Мартина.

Дел е од бендот „Фанк шуи“, соработува со музичари од странство, учествува во музички проекти. Но, стереотипите на општеството не ја одминале.

Се соочувам со скептични погледи, но откако ќе почнам со свирење забележувам како им се менува изразот. Мартина Баракоска, вежба во нејзиното студио во Скопје.
Се соочувам со скептични погледи, но откако ќе почнам со свирење забележувам како им се менува изразот. Мартина Баракоска, вежба во нејзиното студио во Скопје.

„Добивам коментари од типот, треба повеќе да се смееш, треба вака да се облекуваш, треба така да правиш“, вели Мартина.

Но, за овие коментари има цврст став:

Силата и енергичноста од тапаните, како инструмент, не ја диктира полот, туку доаѓа од техниката

„Треба да си бидеш свој и само да продолжиш, да не се менуваш“, вели младата тапанарка.

Објаснува дека за свирењето тапани, полот нема улога.

„Силата и енергичноста од тапаните, како инструмент, не ја диктира полот, туку доаѓа од техниката. Техника е да можеш да извадиш тон“, објаснува Мартина.

Додава дека опстојувањето од музиката денес е многу поголем предизвик.

„Кога ќе се каже, да се егзистира од музика, не е само да дојдам тука, да свирам и од тоа да егзистирам. Јас тргнувам од себе. Да се биде музичар во ова време значи дека треба да се познаваат повеќе вештини. Треба да се менаџираш сам, да имаш социјални медиуми. Треба да знаеш да се снимаш, сето тоа да го склопиш во многу добра форма и да го прикажеш за другите да го разберат“, вели Баракоска.

Сакам да споделувам знаење, но и да учам од другите. Мартина Баракоска.
Сакам да споделувам знаење, но и да учам од другите. Мартина Баракоска.

Речиси пет години води и свое училиште за тапани. Во него членуваат и млади и возрасни.

Многу е убав моментот кога луѓето ќе бидат охрабрени да ги прават работите што ги сакаат

„Нема нешто поблагородно од тоа да се сподели знаење. Уживам и во тоа да учам од другите. На пример, од децата учат колку тие се слободни, колку немаат никакви бариери и не се толку самосвесни и самокритични. Едноставно го прават тоа што им доаѓа да го прават. Многу се природни со инструментот“, вели Мартина.

Токму креативната слобода, е нејзино водечко мото и желба.

„Би сакал да живеам во свет каде што би немало бариери меѓу тоа да се проба нешто и дека ако се проба не значи дека истото мора и да успее. Многу е убав моментот кога луѓето ќе бидат охрабрени да ги прават работите што ги сакаат“, вели Мартина.

Сакам да сум слободна, да сум низ светот, но и да сум дома. Не сакам да заминам од државата, само заради заминување. Интервју со Мартина Баракоска во нејзиното студио во Скопје.
Сакам да сум слободна, да сум низ светот, но и да сум дома. Не сакам да заминам од државата, само заради заминување. Интервју со Мартина Баракоска во нејзиното студио во Скопје.

За крај, неколку збора имавме и за еден од најгорливите проблеми на македонското општество – иселувањето на младите и талентирани лица.

„Би сакала тоа да биде во некоја форма каде што нема да биде ‘јас си заминав од тука’. Туку, би била и овде и секаде. Мислам дека тоа е најубавата форма, да бидеш секаде, но да бидеш и дома и да бидеш слободен. Тоа, би сакала да бидам слободна“, вели Мартина Баракоска.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG