Роуд Ајленд неделава усвои закон за легализирање на истополовите заедници. Минатата недела, пак, Њујорк стана шестата сојузна држава што дозволи венчавка на луѓе од ист пол. Од друга страна, 29 држави досега усвоија уставни амандмани што забрануваат вакви заедници. Поддржувачите и противниците имаат потешкотии да го дефинираат суштинското значење на - бракот.
Дан Галагер и Питер Ширер, хомосексуалци кои живеат веќе 14 години заедно, го усвоиле четиригодишниот Јан веднаш по раѓањето.
Галагер вака го разбира бракот: „Тоа е појавната страна на ветувањето што си го дале двајца луѓе, дека имаат интерес во чувствата еден кон друг, и дека тоа го манифестираат пред другите“.
Меѓутоа, многу верски институции се против истополовите бракови. Римокатоличките бискупи од Њујорк издадоа изјава во која бараат општеството да го задржи вистинското значење на бракот. Монсињор Киран Харингтон од Епархијата Бруклин подвлекува: државата не треба да суди кој кого сака и што е љубов.
„Попрво, треба да се грижи за создавањето – раѓањето на деца, и за тоа тие да раснат во стабилни семејства. Тоа е улогата на државата, затоа што тоа е од нејзина корист. Затоа државата дава бенефиции на брачни парови“, аргументира тој.
Галагер и Ширер велат дека пружаат дом на Јан полн со љубов и стабилност и сметаат дека и хомосексуалните двојки заслужуваат исти бенефиции. Ширер коментира дека децата не се примарниот критериум за брак, бидејќи дури и некои обични брачни двојки или не можат, или пак решиле да немаат деца.
Во изјавата на бискупите стои дека црквата ги третира хомосексуалците со респект, достоинство и љубов, но монсињор Харингтон додава дека истополовиот брак претставува натамошна ерозија на инстуцијата, веќе начната од разводи, вонбрачно заедничко живеење, вонбрачни деца и сексуални скандали во самата црква.
Обете страни се согласни дека малиот Јан заслужува дом полн со љубов. Проблемот е дефинирањето на бракот. Верските гледишта на многумина се дека низ историјата, бракот е местото каде се случува чудото на создавање на нов живот. Поддржувачите на истополовите бракови, пак, велат дека признавањето на хомосексуалната љубов ќе значи општествен напредок.