Претседателот на САД Доналд Трамп инсистира дека со новиот трговски договор со Мексико и Канада ќе се третира и префрлувањето на американски производни работни места во странство. Ова ветување, доаѓа во време на најавата на автомобилскиот гигант Џенерал Моторс за отпуштање на 14.000 вработени во пет фабрики во САД и Канада.
Наспроти оптимистичките најави на претседателот, одлуката на Џенерал Моторс укажува на поинакви пазарни промени во автомобилската индустрија.
Џенерал Моторс вели дека се променети економските трендови, односно потрошувачите повеќе бараат спортски SUV- возила и електрични автомобили, а не толку автомобили со средна големина.
Свртувањето носи и цена во намалување на работната сила за 25 отсто.
Но, во Лордстаун, Охајо, работниците кои зависат од работните места во фабриките на Џенерал Моторс имаат тешкотии да го разберат овој потег.
Возила со средна големина
Фабриката во Лордстаун, која произведува Шевролет Круз, еден од автомобилите со средна големина, подолго време не е профитабилна. Кратко по одлуката на ЏМ, Трамп се осврна на резултатите на фабриката во Лордстаун, велејќи: „Ако Шевролет Круз не се продава добро, земете автомобил кој се продава добро.“
Работниците се надеваат дека останува отворена можноста ЏМ да се сврти кон друг производ кој што би се произведувал во фабриката во Лордстаун. Синдикалниот лидер, Дејв Грин, призна дека проблемите со Шевролет Круз се дел од целокупниот тренд во индустријата која што настојува да ги избегнува помалите автомобили.
„Треба да има фер цена. Американците сакаат повеќе за помалку. Тоа е тоа. Мислам дека автомобилот беше преценет,“ изјави Грин за Гласот на Америка.
Фабриката во Лордстаун на површина од 6,2 милиони квадратни метри е добро лоцирана во центарот на државата, со лесен пристап до патната мрежа и инфраструктурата на секундарни погони.
Грин вели дека 80 отсто од производството на оваа фабрика се продава во радиус од 600 милји. „Џенерал Моторс би биле луди да си заминат“, вели тој.
На ова се надеваат околу 1.600 работници кои очекуваат отказ од март 2019 година. Работниците во фабриката во Лордстаун заработуваат 30-40 долари на час. Следна најдобра опција во областа е фабриката за алуминиум каде се заработува по 10 долари на час.
Лордстаун припаѓа на регионот Варен-Јангстаун, Охајо, каде некогаш имаше развиена индустрија за челик. По затворањето на фабриките за челик во 1970 и 1980-тите, автомобилската индустрија стана главен двигател на локалната економија.
„Не ја продавај куќата“
Претседателот Трамп го посети Јангстаун во јули 2017 година, велејќи им на работниците: „Не ги продавајте вашите куќи. Ќе ги вратиме работните места.“
Многумина локални жители не го сметаат Трамп за одговорен за одлуката на ЏМ, потег кој може да ја уништи локалната економија.
„Претседателот не го поседува Џенерал Моторс“, вели Лиса Милер, која што работи како келнерка. „Никој не може да ви рече: направи вака, направи така. Ние сме слободна земја. Верувам дека претседателот ќе направи се` што може за да ги промени работите, но ова е надвор од негова моќ.“
Милер вели дека само неколку дена по соопштението, регистрирале намален број нарачки на ручек за носење од страна на работниците на фабриката.
Ако одредени модели на возила се симнуваат од производните линии, зошто на нив да не се произведуваат други модели на возила?“Триш Вилјамс, жителка на Охајо
Некои од овие работници ќе се префрлат во други фабрики на Џенерал Моторс низ државата врз основа на стажот кој го имаат во компанијата. Но, многумина велат дека се загрижени. Тие се исто така свесни за фабриката на Џенерал Моторс во Мексико која произведува Шевролет Блејзер, SUV-возило.
„Зошто нашата фабрика не почне да произведува Блејзер?”, прашува Ребека Зак, работничка во фабриката во Лордстаун. „Зошто ја изградијата фабриката во Мексико. Слушнав дека таму работниците се платени по 2,65 долари на час.“
Зак вели дека одлуката на компанијата е дел од трендот корпорациите да се богатат на сметка на работниците.
Работната сила на Џенерал Моторс
Овие 14.000 работници во фабриката во Лордстаун претставуваат само седум отсто од вкупната работна сила, 180.000 вработени, на компанијата Џенерал Моторс, која најави стратешка промена на компететивниот автомобилски пазар. Останува да се види дали таа стратешка промена ќе ги вклучи и местата како Лордстаун.
Ден Смит, вработен во Лордстаун вели: „Секоја индустрија е циклична. Гасот може да се искачи на 5 долари, а потоа да падне. Така е и со пазарот на SUV-возила. Потоа ќе им требаат мали автомобили. Тоа е нешто низ што веќе сме поминале. Мојот татко работеше тука.“
Смит вели дека се` уште е шокиран од одлуката, но не го обвинува Џенерал Моторс што работи во фабрика во Мексико со поефтина работна сила.
„Американците да купуваат американски автомобил произведен во друга држава, нема многу смисол, но бизнис логиката е јасна“ вели тој за Гласот на Америка.
За Триш Вилјамс, која е жителка на Охајо, решението е едноставно:
„Помали автомобили, поголеми автомобили - сите имаат по четири тркала,“ вели таа. „Ако одредени модели на возила се симнуваат од производните линии, зошто на нив да не произведуваат други модели на возила?“
Facebook Forum