Дваесет години уметност на македонската уметница Марија Павловска се изложени во галеријата „АП Спејс“ во Њујорк, вклучувајќи ги нејзините најрани дела на хартија до неодамнешните големи платна.
Павловска, која има добиено 14 меѓународни награди за уметност, меѓу кои и специјалната едиција на наградата Леонардо да Винчи за 2024 година, вели дека изложбата претставува еволуција на досегашната нејзина работа.
„Многу ми значи што успеав самостојно да се претставам како уметник на една од најголемите уметнички сцени во светот“, вели Павловска за Гласот на Америка на македонски.
Уметноста на Павловска, во црно-бела боја, е уникатна на Балканот и пошироко, со две и пол децении континуирано присуство на европската современа уметничка сцена, како и во САД и Азија.
„На едно платно или серија цртежи може да им требаат месеци за целосно да се реализираат и да носат концентрација на мисла и акција“, вели Павловска, која изложувала од Скопје до Љубљана, Белград, Виена, Берлин, Париз, Њујорк, Манила, Мајами, Венеција и Фиренца.
„АП Спејс“ изјави дека ѝ дава репрезентација на Павловска, преку нејзината ексклузивна изложба во мегагалеријата. Павловска овде изложува покрај бројни други уметници, меѓу кои Франциско Валверде, Моку, Јанг Ха Парк, Метју Лангли и многу други.
„Можноста да се работи со Марија во овој момент од нејзината кариера е голема привилегија“, рече Џин Парк, основачка на галеријата „АП Спејс“.
„Нејзината концептуално електрична, естетски смела уметност е бескомпромисна во нејзиното извршување. Марија го носи истиот интензивен, искрен, посветен фокус што е толку очигледен во нејзината личност. Таа има развиено способност да комуницира длабоко преку чисто линеарно, гестално движење кое ги составува нејзините слики“, изјави Парк.
Критичарите велат дека нејзината работа има „цврст карактер“, што ги отсликува „нејзините избрани теми на сликовен јазик кој демонстрира тивка, моќна елоквенција“.
Нејзините цртежи и слики, пак, ги опишуваат како бојно поле, каде се борат светлината и темнината, а резултатот е непредвидлив.
По нејзиното прво соло претставување во Њујорк во 2007 година, Павловска живее меѓу Њујорк и Скопје. Tаа е активна и на њујоршката уметничка сцена и на меѓународно ниво.
Нејзината работа е претставена низ целиот свет на преку 30 самостојни изложби и повеќе од 100 групни меѓународни изложби, а нејзините уметнички дела се претставени во многу списанија, весници и каталози на музеи и галерии ширум светот.
Некои од нејзините дела се наоѓаат во престижни приватни и јавни збирки ширум светот, вклучувајќи владини институции, амбасади, музеи, галерии и библиотеки. Павловска за нејзините дела има добиено 18 значајни меѓународни грантови.
Изложбата „Објект“ во Њујорк ќе трае до 16 април.