Линкови за пристапност

Државници од цел свет оддаваат почит на Нелсон Мандела


Знамињата над Белата куќа се на половина копје - редок знак на почест за странски лидер.

Сегашни и бивши државници од цел свет се сеќаваат на водачот против апартхејдот и поранешниот јужноафрикански претседател Нелсон Мандела кој почина синоќа на 95-годишна возраст.

Од Белата куќа, претседателот Барак Обама изјави дека Мандела беше влијателен, храбар и длабоко добар човек. Обама говореше за тоа како Мандела го инспирирал, како и дека слободна Јужна Африка, која живее во мир, е најголемото наследство што тој зад себе го остави.

„Јас сум еден од безбројните милиони кои се инспирираа од животот на Нелсон Мандела. Мојата прва политичка акција беше протест против апартхејдот. Ги проучував неговите говори и текстови. Дента кога беше ослободен од затвор ми даде чувство за тоа што може човековите суштества да сторат кога се водат од надеж, а не од страв“, рече Обама.

Американскиот претседател нареди знамињата над Белата куќа и другите јавни објекти денес да бидат на половина копје - несекојдневен знак на почест за еден странски лидер.

Фредерик Вилем де Клерк, последниот јужноафрикански водач од времето на апартхејдот, кажа дека најголемото нешто што Мандела го остави зад себе е неговиот акцент на помирувањето. Де Клерк, кој го ослободи Мандела од затвор, доби заедно со него Нобелова награда за мир во 1990-та. Тој кажа дека нивниот однос напати бил бурен, но дека секогаш успевале да се обединат во клучните моменти.

Јужноафриканскиот надбискуп Дезмонд Туту својот починат пријател го нарече „скапоцен дијамант кој од затворот излегол речиси како светец“. Наместо да се бави со маките низ кои мина, тој упати порака на простување и помирување, рече Туту.

Поранешниот генерален секретар на ОН Кофи Анан коментираше дека Јужна Африка е среќна што имала водач кој инспирирал простување и на тој начин земјата не пламнала.

Добитничката на Нобеловата награда за мир и истакната демократска активистка Ан Сан Су Чи кажа дека Мандела е „исклучително човечко суштество кој го крена стандардот на човештвото“. Друг добитник на наградата, духовниот водач Далај Лама рече дека иако Мандела физички замина, неговиот дух останува.

Во меѓувреме, Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун ги повика луѓето да бидат инспирирани од Мандела да продолжат да работат за подобар и поправеден свет.

Поранешните американски претседатели Џими Картер, Бил Клинтон и Џорџ В. Буш исто така го фалеа Мандела како шампион за правда, човечко достоинство и еднаквост.

Друг поранешен американски претседател, Џорџ Х. В. Буш, Мандела го нарече „човек од огромна морална храброст, кој го промени текот на историјата во неговата држава. “

Британскиот премиер Дејвид Камерон се појави од Даунинг Стрит број 10 да го нарече Мандела вистински глобален херој, велејќи дека се изгаснала голема светлина во светот.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го нарече човек од визија кој отфрли насилство и беше еден од „најпочитуваните фигури на нашето време.“

Палестинскиот претседател Махмуд Абас, во меѓувреме го фалеше Мандела како „симбол на слободата од колонијализам и окупација,“ нарекувајќи ја неговата смрт „голема загуба.“

Кинескиот претседател Ши Џинпинг изрази „длабока тага“ за смртта на, како што го нарече, „државник на светот“. Тој рече дека Мандела, кој два пати ја посетил Кина, ќе биде запаметен за неговиот придонес во „кинеско-јужноафриканските врски“ и „причина за прогресот на човештвото.“

Претседателот на Хаити, Микел Мартели, кажа дека Мандела останува „симбол на демократијата“ чија храброст и „верба во вистинската борба за еднаквост“ продолжува да го води човештвото.
XS
SM
MD
LG