Федерален судија изјави дека средината на мај – предложеното рочиште за поранешниот директор на кампањата на претседателот на САД Доналд Трамп, Пол Манафорт и поранешниот советник Рик Гејтс, е закажан прерано и треба да се помести за подоцна годинава.
Обвинителите кои работат за специјалниот советник Роберт Мулер, кој ја води истрагата за Русија, во судските документи поднесени минатата недела, навестија дека за Манафорт и Гејтс ќе побараат судење за 14-ти мај.
Но, нивните адвокати тврдат дека канцеларијата на Мулер не ги претставила сите докази што ги поседува против нивните клиенти и дека заради предложениот датум, нема да имаат доволно време да се подготват.
Судијката Ејми Џексон се согласила, велејќи дека судењето можно е да се помести за крајот на септември или октомври.
Во октомври минатата година, федералната голема порота го обвини Манафорт и Гејтс по 12 основи, и тоа за заговор, перење пари, давање лажни изјави и други обвиненија во врска со нивното лобирање за поранешниот украински претседател Виктор Јанукович и неговата проруска политичка партија.
Тие се изјасниле дека не се виновни.
Овие обвиненија не се поврзани со истрагата на Мулер за руското мешање во изборите во САД во 2016-та година и наводите за поврзаност на кампањата на Трамп и Русија.
Во меѓувреме, Манафорт останува во домашен притвор, а Гејтс е пуштен на слобода со кауција.
Facebook Forum