Францускиот претседател Емануел Макрон може да го тргне ветото за преговори на Северна Македонија со ЕУ, ако за возврат издејствува промени во негова корист, велат експерти во Вашингтон.
„Имаше некои предвидувања за реформи во еврозоната за кои Макрон се грижи многу. Мислам дека ако зад затворени врати добие согласност за работи за кои тој има интерес, можно е да го тргне ветото за почеток на преговори“, изјави Гарет Мартин, професор на Школата за меѓународни односи на Американскиот универзитет во Вашингтон.
Сепак, вели тој, државата ќе биде подложена на поголем мониторинг, поради демократските назадувања кај државите од претходните проширувања.
„Северна Македонија има интерес да ги продолжи реформите за нејзино добро. Дури и преговорите да не беа одложени, иако јас мислам дека тие се одложени привремено, а не трајно, се `уште е важно да се подобри владеење на правото, со цел Владата да ги исполни ветувањата кон граѓаните“, рече Мартин.
Мајкл Халцел од Школата за напредни меѓународни студии на Универзитетот Џонс Хопкинс во Вашингтон, вели дека затворањето врата пред очи во најмала рака е скандал.
„Мислам дека многу политичари во САД се чувствуваат исто, и се надевам дека ЕУ ќе ја преиспита одлуката во наредните месеци, бидејќи е лоша одлука за Унијата, но, ужасна одлука за стабилноста на Балканот“, изјави тој.
Според него, одлуката на Франција е предавство за Северна Македонија, и Унијата ќе треба да ја промени политиката ако сака да го одржи кредибилитетот.
„Секогаш постои шанса Франција да го промени мислењето. Претседателот Макрон е многу интелегентен човек, и мислам дека тоа може да се случи ако неговите колеги на највисоко ниво во земјите - членки на Унијата, му стават јасно до знаење дека тој е малцинство“, смета Халцел.
Вели дека ветото е покана за Русија во регионот.
„Реално Русија не е алтернатива. Ќе биде поразително за секој што сака да се поврзе со деструктивна сила како Русија, која единствено што знае е да произведува оружје“, рече тој.
Тие нагласуваат дека дури и кога ќе се добие датум, пристапниот процес ќе биде долг и ригорозен, и ќе бидат потребни години за влез на државата во Европската Унија, нагласувајќи дека САД имаат поголема улога во НАТО процесот, отколку во ЕУ членството.
Facebook Forum