Линкови за пристапност

Макрон го посети Израел во знак на солидарност и притисок за заштита на Палестинците во Газа


Хамас ослободи уште две израелски заложнички додека Израел продолжува со воздушните напади
Хамас ослободи уште две израелски заложнички додека Израел продолжува со воздушните напади

Францускиот претседател Емануел Макрон го посети Израел во вторникот, станувајќи последниот светски лидер кој донесе и порака за солидарност со Израел по смртоносниот напад на Хамас и притисок за заштита на цивилите во Појасот Газа.

Макрон му рече на израелскиот претседател Исак Херцог дека она што се случи „никогаш нема да се заборави“ и дека главен приоритет треба да биде ослободувањето на сите заложници што ги држи Хамас.

„Сакам да бидете сигурни дека не сте оставени сами во оваа војна против тероризмот“, рече Макрон.

Израелската војска во вторникот соопшти дека извршила континуирани воздушни напади во Газа, вклучително и гаѓање на оперативниот штаб на Хамас и убивање на неколку заменици команданти на Хамас.

Израелските напади оваа недела ја погодија и милитантната група Хезболах со седиште во Либан, а Херцог во вторникот предупреди дека ако Хезболах го прошири конфликтот, тогаш „Либан ќе ја плати цената“.

„Сакам да разјаснам: ние не бараме конфронтација на нашата северна граница или со некој друг“, рече Херцог.

„Ние сме фокусирани на уништување на инфраструктурата на Хамас и враќање на нашите граѓани дома“, додаде тој.

Белата куќа соопшти дека американскиот претседател Џо Бајден и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху разговарале за „тековните напори за регионално одвраќање, за вклучување на нови воени распоредувања на САД“ во телефонски разговор во понеделникот.

Американските власти во последните денови изразија загриженост дека војната меѓу Израел и Хамас може да предизвика поширок конфликт на Блискиот Исток.

Портпаролот на Советот за национална безбедност Џон Кирби за новинарите во понеделникот изјави дека има зголемен број на ракетни и беспилотни напади од милициите поддржани од Иран врз американските војници во Ирак и Сирија. Тој рече дека Соединетите држави се „длабоко загрижени за можноста за каква било значајна ескалација“ на нападите во наредните денови.

Белата куќа соопшти дека Бајден во неговиот разговор со Нетанјаху го поздравил ослободувањето на уште двајца заложници од Хамас, „и ја потврди својата посветеност на тековните напори да се обезбеди ослободување на сите преостанати заложници земени од Хамас - вклучително и Американците - и да се обезбеди безбедно минување за Граѓаните на САД и другите цивили во Газа“.

Хамас во соопштението рече дека ги ослободил заложничките - две постари Израелки - од хуманитарни причини. Меѓународниот комитет на Црвениот крст соопшти дека ги транспортирал израелските жени, 85-годишна и 79-годишна жена, надвор од Газа во понеделникот вечерта.

Милитантната група ги ослободи своите први двајца заложнички - мајка и ќерка Американка - во петокот, речиси две недели откако го изврши својот ненадеен напад врз Израел, при што загинаа повеќе од 1.400 луѓе, главно цивили, а беа заробени повеќе од 200 други.

Американските власти велат дека Вашингтон го советува Израел да ја одложи планираната копнена инвазија на Појасот Газа за да остави повеќе време за преговори за ослободување на заложниците кои ги држи Хамас.

Копнената инвазија веројатно дополнително би ги комплицирала сите преговори за заложниците, при што се верува дека барем некои од нив се чуваат во сложена мрежа од тунели што милитантите ги изградиле во Газа со текот на годините, дури и кога Израел ја блокираше територијата долж Средоземното Море.

Израел позиционираше 300.000 војници долж границата со Газа пред потенцијалната операција во Газа.

Палестинското Министерство за здравство во понеделникот соопшти дека вкупниот број на загинати во Газа од повеќе од двенеделниот конфликт достигна најмалку 5.087 лица, а уште 15.273 лица се повредени.

Израелските напади уништија илјадници згради во Газа, а хуманитарната агенција на ОН соопшти дека 1,4 милиони луѓе се раселени.

Во својот последен извештај, Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања доцна во понеделникот соопшти дека најмалку 16 здравствени работници биле убиени додека биле на должност во Газа. Исто така, се вели дека 35 членови на персоналот на палестинската агенција на ОН за помош на бегалците се убиени, вклучително и шест во изминатиот ден.

Во Њујорк, Советот за безбедност на ОН треба да одржи состанок во вторник за да разговара за ситуацијата на Блискиот Исток.

На состанокот се очекува да се обратат генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш и шефот за помош на ОН, Мартин Грифитс. Се очекува да присуствуваат американскиот државен секретар Антони Блинкен и министрите за надворешни работи на Израел и Палестина, заедно со нивните колеги од Бразил, Франција, Јордан, Египет, Саудиска Арабија и други земји.

Дописникот на Обединетите нации, Маргарет Бешер, придонесе за овој напис. Некои информации за овој извештај дојдоа од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG