Линкови за пристапност

Македонски претставници се вклучуваат во напорите за враќање на украинските деца, насила изнесени во Русија


Бројни сведоштва велат дека од почетокот на руската инвазија, десетици илјади украински деца се нелегално изнесени од Украина и префрлени во Русија
(AP Photo/Vadim Ghirda)
Бројни сведоштва велат дека од почетокот на руската инвазија, десетици илјади украински деца се нелегално изнесени од Украина и префрлени во Русија (AP Photo/Vadim Ghirda)

Заменик народниот правобранител на Северна Македонија, Јован Андновски, иницирал формирање тело, во кое ќе членуваат македонскиот и омбудсманите на уште две други држави, кои би биле прифатливи и за Украина и за Русија, а кое би работело на идентификација и враќање на децата.

Околу 20.000 украински деца се насилно префрлени, односно нелегално депортирани од Украина на руска територија, вели за Глас на Америка, заменик- народниот правобранител, Јован Андоновски, кој во Киев неодамна учествуваше на првиот состанок на меѓународната коалиција за поддршка на враќањето дома на украинските деца.

„И врз кои што се врши силен притисок да се индоктринираат и прифатат дека се Руси, а не Украинци и при тоа не им се дава никаква можност да контактираат со својата матична држава или пак да се вратат назад во сопствената татковина. Со цел надминување на ваквата состојба неколку држави, како Катар и Ватикан се иницијатори да се работи со Руската федерација за враќање на децата назад во Украина“, вели Андоновски.

Андоновски иницирал формирање тело, во кое ќе членуваат македонскиот и омбудсманите на уште две други држави, лица кои би биле прифатливи и за Украина и за Русија, а кое би работело на идентификација и враќање на децата.

Можеме веднаш да се ставиме на располагање на двете страни и да се работи на надминување на оваа ситуација
Јован Андоновски

„Можеме веднаш да се ставиме на располагање на двете страни и да се работи на надминување на оваа ситуација. Затоа што да успееме макар и еден човечки живот да спасиме тоа ќе биде голем успех. Не е нешто што со сигурност би можеле да кажеме колку би траело. Оптимист сум дека се работи за деца и дека целокупниот придонес на овој тим би било заедничко прифатливо задоволство и на двете страни“, вели Андоновски.

Џабир Дерала, претседател на Центарот за слобода, Цивил, кој во Киев учествувал како претставник на граѓанското општество, вели дека станува збор за илјадници деца раселени низ Русија, Белорусија и други делови од окупираните подрачја на Украина.

„Тоа е една ситуација во која тие деца се крадат, се отргнуваат од украинското ткиво и се индоктринираат, се русифицираат и им се губи трагата, бидејќи тоа е една операција која Кремљ ја започна уште во 2014- та година, но ја интензивираше по целосната инвазија на Украина во 2022 година на 24 февруари“, вели Дерала.

Тие деца се крадат, се отргнуваат од украинското ткиво и се индоктринираат, се русифицираат и им се губи трагата
Џабир Дерала

Се разговарало и за понатамошната реинтеграција на овие деца по нивното враќање во татковината.

„Стана збор и за притисок врз руските власти да ги вратат децата, за лоцирање на децата, каде се наоѓаат и да се реинтегрираат во украинското општество. Подготовка на програми за нивно враќање во општеството и санирање на траумите од русификацијата на овие деца. Како што рече народниот правобранител на Украина, Димитро Љубинец ,ако ги враќаме децата со ова темпо, а досега се вратени околу 380 деца, ќе ни требаат 55 години да ги вратиме“, посочува Дерала.

Андоновски и Дерала во Киев учествуваа и на меѓународната конференција „Слобода или страв“, посветена на човековите права.

XS
SM
MD
LG