Линкови за пристапност

Македонски граѓани донираа повеќе илјади оброци за жителите на Газа


Македонски оброци за жителите на Газа
Македонски оброци за жителите на Газа

Акцијата е по повод Рамазан Бајрам. Храната во рефус доаѓа од Турција до Египет, а од таму со камиони во Рафах на југот на Газа. Потоа се готви во импровизирани кујни и се дистрибуира на засолнетите во училиштата на Обединетите нации.

Во големи казани и во импровизирани услови, се приготвува ифтарски оброк од традиционално локално јадење за жителите на Газа. Со помош на донатори од Северна Македонија и дијаспората, невладината организација Легис досега подели 3600 ифтари за овие луѓе. Но нивниот пат до жителите на Газа воопшто не е лесен. Овој Рамазан Бајрам, Газа го минува во војна.

„Да се организира и реализира ваква хуманитарна акција под овие услови не е лесно. Храната во рефус доаѓа од Турција до Египет, а од таму со камиони во Рафах на југот на Газа. Потоа се готви во импровизирани кујни и се дистрибуира на засолнетите во училиштата на Обединетите нации“, вели Сабит Амит од Легис.

Персоналот кој ги готви и дистрибуира ифтарите е од Газа.

Условите во кои се реализираат ифтарите се максимално тешки и опасни
Јасмин Реџепи, Легис

„Комуникацијата со нив се одвива отежнато бидејќи немаат секогаш интернет. Условите во кои се реализираат ифтарите се максимално тешки и опасни. Имајќи предвид дека изгладнуваањето на населението во Газа е една од алатките на агресорот во војната, со овој чин се трудиме да превенираме дополнителни жртви од глад“, вели Јасмин Реџепи од Легис.

Но, она што ги мотивира, велат од Легис, е бројката на солидарни граѓани и нивните донации. Дополнително ќе поделат уште 4 илјади ифтари.

„Ова е пораката до цивилите во Газа од граѓаните на Македонија и дијаспората, дека не се сами, дека мислиме на нив, дека се во нашите молитви и нашите дела. Нашата кампања за Газа продолжува и понатаму. И после Рамазан и после Бајрам, се` додека има потреба, нашата сметка ќе биде отворена и ние ќе бидеме активни за да можеме да направиме позитивни промени на терен, додава Реџепи.

Војната во Газа досега однесе илјадници човечки жртви, меѓу кои и голем број деца, а земјата секој ден се соочува со хуманитарна и здравствена катастрофа.

XS
SM
MD
LG