„Претставата е една прекрасна симбиоза на два, за жал разделени светови. И токму затоа зборува нашата претстава, дека е многу едноставен начинот тие светови да се вклопат во едно. Но исто така е едно огледало во кое секој од нас треба да се погледне, а што е она што ќе го видете од другата страна ќе треба да си одговорите откако ќе ја изгледа претставата“, вели актерката Маја Андоновска Илијевски.
Теaтарската претстава „Are you crazy“ или „Улаф сте“ во режија на Јован Ристовски, а во изведба на АТО – Центар за современа уметност и култура од Битола е првата претстава во Југоисточна Европа на знаковен јазик за возрасни. Ги обработува секојдневните проблеми со кои се соочува оваа заедница во земјава и во неа паралелно се говори на знаковен јазик и на македонски литературен јазик за слушачката публика.
„Но, истовремено тоа е една камерна моќна претстава која зборува за дискомуникацијата меѓу народот каде живееме и сето она што прави немир помеѓу луѓето кои не комуницираат, кои имаат предрасуди, кои не се информирани. Живееме во земја каде луѓето бегаат од непознатото и се плашат од непознатото“, вели режисерот Јован Ристовски.
Толку добро ја пренесоа претставата и имаше и хумор, тажни моменти. Како да си го видоа својот живот на сцената. Прикажан е еден живот на глувите лицаМартин Ангелов, лице со оштетен слух
Претставата својата премиера ја имаше во Битола. Еве како лицата со оштетен слух ја доживуваат неа.
„Некои од глувите гледачи имаа толку многу емоции дури беа и возбудени, како глумците да се глуви лица. Толку добро ја пренесоа претставата и имаше и хумор, тажни моменти. Како да си го видоа својот живот на сцената. Прикажан е еден живот на глувите лица“, вели Мартин Ангелов, лице со оштетен слух.
Актерите велат дека играњето претстави на знаковен јазик се еден од најинтересните, но, и најголеми предизвици во нивната досегашна кариера. Три месеци интензивно се работело на совладување на знаковниот јазик.
„Глумците дадоа се од себе. Толку многу ги научија нивните реплики во претставата, ја прикажаа како да се глуви лица и многу од гледачите ги помешаа и мислеа дека се глуви лица, а не глумци, кои се професионалци и го доловија на вистински начин на сето ова“, вели Катерина Шарковска, толкувач на знаковен јазик.
Претставата има за цел да го разбуди заспаното општество, но и да побуди поголем интерес кај институциите за решавање на секојдневните проблем со кои се соочуваат овие лица.
„Има некои важни точки на кои треба да поработи државата, како што е стандардизацијата на знаковниот јазик, да има преведувачи за нас глувите и да се поработи повеќе на правата во однос на образование на глувите лица“, рече Мартин Ангелов, лице со оштетен слух.
„Ако во прво одделение се воведат паралелно часови во кои децата ќе изучуваат македонска азбука и знаковна азбука, светот за глувите лица ќе стане многу поубаво место за живот“, смета актерката Маја Андоновска Илијевски.
„Сакам секој еден да ја изгледа претставата и да се добие едно освестување кај народот и кај луѓето кои можат нешто да направат за да се смени оваа ситуација, бидејќи е жалосно во ова денешно време да зборуваме за стандардизација на јазик, за правото на образование и правото на комуникација. Треба многу малку да се разберете со глув човек. Потрудете се“, вели толкувачката на знаковен јазик, Катерина Шарковска.
А, претставата завршува со пароли на кои пишува дека е време за стандардизација на македонскиот знаковен јазик.
„Се надеваме дека еден ден оваа порака и нашата цел дека на национално ниво ќе се оствари“, смета режисерот Јован Ристовски.