Амбасадата на Република Северна Македонија настрада во утринскиот руски ракетен напад врз Киев.
Причинета е значителна штета на зградата во која е сместена амбасадата. Првичните информации се дека објектот не бил директна цел на руската армија, туку мета биле згради за кои се претпоставува дека ги користеле украинските безбедносни сили. Сепак, оштетувањата се сериозни.
Во моментот на нападот во дипломатско-конзуларното претставништво на земјава во Киев немало никој така што нема повредени од дипломатскиот персонал.
Информацијата ја потврдија и од МНР.
При нападот нема повредени меѓу дипломатскиот персонал, но е причинета материјална штета на Амбасадата.Соопштение на МНР
„Министерството за надворешни работи и надворешна трговија најостро ги осудува денешните ракетни напади на руската армија врз Киев. Воедно, информираме дека при нападот е погодена и критичната инфраструктура во Голосеевскиот реон, вклучително и зградата каде што се сместени шест амбасади, меѓу кои и Амбасадата на Република Северна Македонија во Киев. При нападот нема повредени меѓу дипломатскиот персонал, но е причинета материјална штета на Амбасадата. Од страна на надлежните служби извршен е првичен преглед на штетите на лице место и веќе се работи на нивно санирање“, пишува во соопштението на МНР.
Во оштетената зграда, покрај македонската, се наоѓаат и албанската, аргентинската, палестинската, португалската и амбасадата на Црна Гора.
Веќе стигнаа реакции и од другите земји – во Лисабон, на разговор бил повикан вршителот на должноста амбасадор на Русија. Нападот го осуди и Европската комисија.
„Овој напад уште еднаш покажува дека криминалната природа на рускиот претседател Владимир Путин претставува опасност за Украина, за ЕУ и за нашата севкупна безбедност.“, изјави Анита Хипер, портпаролка на Европската комисија.
Станува збор за поголем објект во центарот на Киев во кој се сместени неколку дипломатско-конзуларни претставништва.
Македонската амбасада беше затворена неколку месеци, веднаш по стартот на руската агресија во февруари, за пак да биде отворена во мај истата година.
Главниот град на Украина денеска наутро беше цел на силен руски ракетен напад во кој загина едно лице, а десетина се повредени.