Линкови за пристапност

Игор Ангеловски: Ќе барам од фудбалерите да ја поминеме групата, и тоа е нашата цел


Интервју на Гласот на Америка со македонскиот фудбалски селектор, Игор Ангеловски
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:57 0:00

Интервју на Гласот на Америка со македонскиот фудбалски селектор, Игор Ангеловски

На 11-ти јуни, почнува Европското фудбалско првенство, а Македонија првиот натпревар го игра на 13-ти јуни против Австрија во Букурешт. Во групната фаза следуваат уште и натпреварите со Украина и Холандија.

Глас на Америка: Македонија на 11-ти јуни го почнува историскиот настап на европското првенство во фудбал. Кои се вашите очекувања од ова Европско првенство, за македонската фудбалска репрезентација?

Игор Ангеловски: „Очекувањата се македонската фудбалска репрезентација да биде на исто ниво, како што беше изминатите години. Јас верувам во овие момци. Бев првиот кој веруваше и знам што можат да направат и очекувам повторно да ја израдуваат нацијата“.

Глас на Америка: Можеме ли да се надигруваме со останатите и можеме ли да постигнеме позитивни резултати?

Игор Ангеловски: „Секако дека оваа репрезентација на Македонија може да игра против секого и да се надигрува со секого. И, јас верувам во фудбалерите дека ќе бидат на нивното максимално издание и дека ќе стигнеме до позитивни резултати“.

Глас на Америка: Дали првите два натпревари во групата со репрезентациите на Австрија и Украина се клучни за нас?

Игор Ангеловски: „Па зарем може да кажеме за натпревар од Европско првенство дека не е клучен. Секој натпревар што го играме на Европско првенство е клучен. Тоа се наши историски натпревари и на сите натпревари ние ќе дадеме максимум“.

Глас на Америка: Дали резултатите од пријателските натпревари со Словенија и Казакстан се позитивен сигнал дека можеме да оствариме добри резултати?

Игор Ангеловски: „Македонската фудбалска репрезентација четири години бележи позитивни резултати, и ова беше само еден тренд на продолжување на тие позитивни резултати. Но, јас сум задоволен пред се од начинот на кои ги одигравме овие натпревари, затоа што тоа беше истиот оној начин кога игравме против Германија, Грузија и Косово. Тоа се оние натпревари каде во низа имавме позитивни резултат. И, јас се надевам дека и на Европското првенство ќе го задржиме тој тренд на такви игри и позитивни резултати“.

Глас на Америка: Подготвувате ли некоја нова тактика? Ќе има ли изненадувања во тој дел?

Игор Ангеловски: Не. Јас сето она што го работев изминатите пет години од мојот прв ден, така ќе биде и на Европското првенство. Сите формации и начин на игра кои ги применуваше репрезентацијата ќе бидат исти и на Европското првенство“.

Глас на Америка: Оди ли Македонија комплетна на ова Европското првенство?

Игор Ангеловски: „Ја добивме таа радосна вест, а тоа е дека Енис Барди има негативен тест и со задоволство се приклучува кон остатокот од тимот“.

Глас на Америка: Дел од светските медиуми, македонската фудбалска репрезентација ја сметаат за аутсајдер на ова Европско првенство?

Игор Ангеловски: „Па, само нека не потценуваат“.

Глас на Америка: Дали целта е само поминување на групата?

Игор Ангеловски: „Јас кажав дека тоа никој не го побара од мене. Јас ќе барам од фудбалерите да ја поминеме групата и како цел го поставив тоа. И, ние ќе се бориме да ја оствариме таа цел. Јас верувам дека фудбалерите можат тоа да го направат“.

Глас на Америка: Што би и порачале на македонската јавност, пред настапот на Европското првенство?

Игор Ангеловски: „Што да порачам. Го дочекавме и тоа, фудбалската репрезентација да игра на Европското првенство. Македонијо радувај се. Дај им поддршка на овие момци и тие нема да ве разочараат“.

Глас на Америка: Дали и после Европското фудбалско првенство, останувате на кормилото на македонската фудбалска репрезентација или заминувате како тренер на Џенова во Италија?

Игор Ангеловски: „Не, воопшто не размислувам за тоа. Сконцентриран сум на настапот на Македонија, на Европско првенство до мојот последен ден како селектор, максимално професионално ќе го одработам договорот. Мојот договор е до 31-ви јули. Сконцентриран сум на Македонија и на Европското првенство. А, за понатаму кога ќе дојде време“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG