Линкови за пристапност

Егзодус на лекарите од Македонија


Клиниките веќе се соочуваат со недостаток на лекари специјалисти

Околу 1.000 млади лекари во изминатите неколку години ја напуштиле Македонија и заминале на работа во странство, во најголем дел во Германија. Иако нема точни податоци, од лекарската фела велат дека тој број постојано расте.

Помеѓу нив е и 33 годишниот Роберто Смилески од Прилеп кој по завршувањето на студиите по медицина во Скопје и по една година работа во Македонија, заминува за Германија каде од 2012-та година работи на акутната клиника во Баерн. Тој преку Скајп ги објасни причините зошто ја напуштил Македонија:

„На прашањето зошто си заминав, прво подобра заработувачка, потоа бесплатна специјализација со таа разлика со тоа што кај нас се плаќа или треба да добиеш политичка поддршка или било каква за истата да ја добиеш во државна форма. И сестра ми која е пет години помала од мене замина, со таа разлика што таа се одлучи за Италија, а не за Германија. И нејзини колешки или се на пат да заминат или се заминати,“ вели Смилески за Гласот на Америка.

Некои заминуваат со своите семејства, а во некои германски клиники работат и по неколку доктори од Македонија.

Д-р Мухамед Асани од Струга и член на Лекарската комора на Македонија. Тој вели дека Германија нуди одлични услови за медицинскиот кадар од земјава, чии што дипломи таму се признаени:

„Примањата на докторите кај нас се многу ниски. Тие се смешни и никој не би останал да работи овде. За подобар живот си заминуваат во странство. Еден млад доктор кај нас зема 23.000 денари, а во Германија истите земаат од 2.500 до 2.800 евра, без дежурства. Има многу млади лекари кои по завршувањето на медицинскиот факултет заминуваат за Европа, најмногу за Германија. Во контактите со Германската лекарска комора, разбрав дека им требаат некаде околу 10.000 лекари, за пет до десет години. Се зборува за бројка од 700-1.000 млади лекари кои до сега се заминати од Македонија, што е една голема бројка,“ вели Асани.

Д-р Симон Сиљановски предупредува на уште една опасност за македонското здравство:

„Драмата која се очекува да се случи се состои во тоа што ние сме околу 2.000 специјалисти, и некаде околу 70% од нив се на само неколку години пред пензија, што е алармантно, и не знам што ќе биде потоа. Разликата во платите на пример во европскиот Кувајт, а тоа е Норвешка и Македонија е смешна. Нашата месечна плата одговара на нивната дневна,“ вели Сиљаноски, почесен претседател на Синдикатот за здравство.

Доколку трендот на заминување на млади лекари и специјалисти од земјава продолжи со уште позасилено темпо, македонските здравствени установи можат да се соочат со недостаток на лекарски кадар.

XS
SM
MD
LG