Линкови за пристапност

Афера „Патриотска метла“


Афера „Патриотска метла“
Афера „Патриотска метла“

СДСМ бара оставка или разрешување на министерката и најавува кривична пријава

„Се обидувате за мега аферата „Патриотска метла“ да се затскриете со жртвување на тројца вработени во Mинистерството за култура. Одговорноста е исклучиво кај Елизабета Канческа Милевска. Кривичните пријави на МВР треба да се наменети за неа бидејќи постојат основани сомневања дека во дејствијата на министерката за култура постојат елементи за повеќе кривични дела, најмногу за злоупотреба на службено овластување“, рече денес членот на Извршниот одбор на СДСМ, Игор Ивановски, најавувајќи дека правен тим на партијата подготвува соодветни кривични пријави за министерката за култура, кои ќе бидат поднесени до Јавното обвинителство.

СДСМ тврди и дека министерката Канческа – Милевска уште како државен секретар во истото министерство, земала високи надоместоци за учество во разни комисии на Министерството за култура. Затоа, лоцирајќи ја одговорноста кај министерката за култура (пред се` за скандалот околу уништувањето на документацијата од јавните набавки во Министерството за култура, кое македонските медиуми го нарекоа афера „Патриотска метла“) опозицијата денес повторно побара Канческа-Милевска да поднесе оставка или да биде разрешена.

Според пратеникот Ивановски, министерката Канчевска – Милевска уште во 2007, кога била државен секретар во Министерството, од тогашниот министер добила серија додатоци на платата.

„Ова се четири решенија од 2007 година со кои тогашниот министер за култура на тогашниот државен секретар Елизабета Канческа и` доделил серија на дополнителни надоместоци како додаток на нејзината плата“, покажа Ивановски на прес-конференцијата, тврдејќи дека дополнителните хонорари од по 40.000 денари за Канческа – Милевска се „само уште едно камче во мозаикот што покажува дека функционерите на ВМРО-ДПМНЕ се лажни патриоти и дека нивната единствена цел е да учествуваат во портокаловата пералница на пари „Скопје-2014“,.

Ивановски потенџира дека се работи за огромни суми народни пари, кои Канческа - Милевска ги добила за учество во разни комисии за избор на идејни решенија, како за Музејот на ВМРО, за Домот на Мајка Тереза и за објектот на Македонската филхармонија..

Реакцијата на СДСМ уследи по вчерашното обелоденување на информацијата дека се изготвени и поднесени од МВР три кривични пријави за фалсификување или уништување деловни книги, од кои дел се од проектот „Скопје 2014“, за тројца раководители во Министерството за култура – на секторите за јавни набавки, за стручно работење и за стручна поддршка на министерот, со што се потврдија претходните обвинувања на опозиционерите за уништување на тендерска документација во Министерството.

Иако министерката најпрвин се бранеше дека обвинувањата на опозицијата се неаргументирани, и дека исчезнатите документи немале финансиски импликации, сега, според полицијата, излезе на виделина дека сепак биле уништувани деловни книги за одделни јавни набавки, како оние за Стариот театар и за Музејот на ВМРО – елементи од контроверзниот мега-проект Скопје 2014, за кој опозицијата обвинува дека непотребно се потрошени над двесте милиони евра буџетски средства.

Иако осомничените раководители имале обврска да ги чуваат документите најмалку пет години, процедурата не била запазена и тие биле запалени.

Според портпаролот на МВР, Иво Котевски, „првопријавениот како раководител на Секторот за јавни набавки, согласно законот за јавни набавки бил должен да ја архивира и уредно да ја чува севкупната документација од сите јавни набавки кои што се спроведувани од Министерството за култура и таквата документација да ја обезбеди во посебни простории како истата не би била оштетена или уништена.

Второ и третопријавениот во својство на членови на комисијата за уништување, дозволиле да биде уништена и документацијата од јавните набавки за која ниту постоел попис за ништење, ниту пак постоело решение од министерот за култура“,. Официјално, истрагата треба да покаже дали документите биле уништени намерно или процедурата не била почитувана поради негрижа на одговорните..

Иако министерката Канческа - Милевска, при избивањето на аферата сакаше да ја дефокусира со најавување на кривични пријави против СДСМ, и тврдеше дека „во Министерството за култура, доследно се почитуваат законите и дека службите и комисиите кои се формирани за спроведување на јавната набавка, својата работа ја вршеле чесно, совесно и најодговорно“, сега опозционерите се децидни дека одговорноста и за кривичните пријави за тројцата вработени во Министерството, е исклучиво кај министерката Канческа – Милевска.

XS
SM
MD
LG