Линкови за пристапност

Во Македонија уапсени 29 наводни членови на „Франкфуртската мафија“


Во Македонија уапсени 29 наводни членови на „Франкфуртската мафија“
Во Македонија уапсени 29 наводни членови на „Франкфуртската мафија“

Oсомничените во последните две години презеле дел од контролата врз нарко-пазарот во Виена и Франкфурт, кажа Министерката за внатрешни работи.

По повод вчерашната полициска операција со кодно име „Диригент“, во која во четири градови во Македонија беа уапсени 29 лица, осомничени дека како членови на т.н. Франкфуртска мафија, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска одржа прес конференција.

„Одделението за недозволена трговија со наркотици на полицијата на Република Македонија заедно со австриските и германските колеги покажаа дека може да се постигнат извонредни резултати со добра соработка за заедничката цел, борба против транснационалниот криминал“, изјави таа по повод акцијата, додавајќи дека осомничените во последните две години презеле дел од контролата врз нарко-пазарот во Виена и Франкфурт.

Според првичните полициски претпоставки, во тој период тие успеале да продадат хероин во вредност од околу милион евра.

Сите уапсени во среда и четврток, со кривични пријави за шверц на наркотици и перење на пари, беа изведени пред истражен судија.

Во заеднички подготвуваната и координирана акција на полициите на Македонија, Австрија и Германија, за разоткривање на структурата на криминалната групација позната како „Франкфуртска мафија“, во македонскиот дел од операцијата биле вклучени 377 полицајци од разни единици на МВР. Операцијата биле изведена во четири македонски градови, Скопје, Велес, Гевгелија и Св. Николе.

Според директорот на Бирото за јавна безбедност Љупчо Тодоровски, полициските службеници извршиле 33 претреси во станови и други објекти, 18 во Скопје, осум во Велес, пет во Свети Николе и два во Гевгелија, и притоа биле пронајдени 50.000 евра, над 157.000 денари, околу два килограми марихуана, 25 пакетчиња марихуана подготвени за продажба на терен, еден пиштол, 14 автомобили и два моторцикли со кои се вршени кривичните дела или се купени со пари од кривичните дела, а биле и утврдени трансфери на пари во износ од 265.000 евра.

Заработените пари од продажбата на дрога во Австрија и Германија, уличните дилери, главно млади полица врбувани во Макдонија од организатоите на групата и регрутирани да шверцуваат и да дилуваат во странство, преку “Вестерн јунион“ и “Маниграм“ ги испраќале во Македонија. На врбуваните соработници, „Франкфуртската мафија“ им обезбедувала патни трошоци, сместување, храна и им исплаќала одреден процент од продажбата на хероинот, која пак, се координирала по телефон од Скопје и Велес.

Според министерката Јанкуловска, по минатогодишната акција „Велес“ во која беа уапсени 16 лица во Австрија и Германија и пет во Македонија поврзани со продажбата на хероин во Виена и Франкфурт, во актуелната акција „Диригент“ најважно е приведувањето на трите главни лица осомничени дека го организирале функционирањето на криминалната група: Зоран Манасков-Скршениот, Спасе Димовски-Ајдук и Томе Димовски-Томче. Против нив, како и против други 20 лица од приведените, според министерката, поднесени се кривични пријави.

Пријави се поднесени и против 10 други членови на „Франкфуртската мафија“ од кои осумина биле уапсени во Австрија и Германија, а две лица се се` уште недостапни за полицијата.

Уапсените се македонски државјани на возраст помеѓу 18 и 53 години кои, според министерката Јанкуловска, организирале меѓународен канал за криумчарење хероин во Австрија и Германија и за негова продажба на улиците на Виена и на Франкфурт.

Специфична за начинот на работа на „Франкфуртската мафија, според директорот Тодоровски, била нивната таинственост и неупадливиот начин на живот, со што се разликувале од албанските, српските и црногорските групи кои оперирале на истити подрачје, како и лојалноста, зашто како што рече Тодоровски, „никогаш не е забележано да се изврши измама или нелојалност кон наредбодавателите“.

Според, полициското аташе на Австрија во Скопје. Штефан Турне, кој истакна дека во последните две години во Австрија се уапсени 69 македонски државјани кои се занимавале со продажба на дрога на улиците на Виена, а дел од нив веќе се осудени на затворски казни, „австриската криминалистичка служба заедно со македонската полиција и германските колеги ќе ги анализираат запленетите документи и ќе спроведеме тамошни истражни мерки“.

Освен прес-конференцијата во Скопје, по повод успехот на заедничката акција, за денес и во Виена беше најавена прес-конференција на која требаше да присуствува и директорот на македонското Биро за јавна безбедност Љупчо Тодоровски.

XS
SM
MD
LG