Линкови за пристапност

Макрон се заложи за задржување на Договорот со Иран


Францускиот лидер сугерира САД да не се повлечат од Договорот од 2015-та каде потписници се и Велика Британија, Германија, Русија, Кина, Франција

Францускиот претседател Емануел Макрон, денеска се обрати пред американскиот Конгрес, образложувајќи зошто САД не треба да се повлечат од Меѓународниот договор со Иран, кој се однесува на ограничување на развојот на нуклеарното оружје.

Вчера во Белата куќа, Макрон се заложи американскиот претседател Доналд Трамп да не го укинува Договорот од 2015-та година, чиј рок за обновување истекува следниот месец. Ако се дозволи да истече, би повлекол економски санкции против Иран.

Францускиот лидер сака Договорот постигнат со Иран од страна на Велика Британија, Германија, Русија, Кина, Франција и САД, да остане непроменет, притоа создавајќи „нов договор“ со Техеран, кој ќе се однесува на програма за балистички проектили и на ограничување на военото учество во Сирија, Јемен, Либан и Ирак.

Трамп постојано го напаѓа договорот како лош за САД и за светот. Договорот беше постигнат за време на претседателствувањето на неговиот претходник Барак Обама.

Денеска завршува посетата на Макрон на Вашингтон. Ова беше прва државна посета на странски лидер за време на 15-месечното претседателствување на Трамп.

Трамп и првата дама Меланија, синоќа приредија државна вечера за Макрон и неговата сопруга, Брижит со повеќе од 100 гости, меѓу кои и бројни претставници на администрацијата и водечки американски корпорациски директори.

Шефицата за надворешна политика на Европската унија, Федерика Могерини, денеска изјави дека Договорот со Иран треба да остане таков како што е.

​„Договорот функционира добро“, рече таа. „Претседателот Макрон вчера истакна дека е многу јасно оти „ние веруваме дека целосното спроведување на Договорот, е од суштинско значење за европската безбедност и за безбедноста на регионот“, додаде Могерини.

Трамп во вторникот не даде индиции за тоа дали САД ќе се повлечат од Договорот.

„Ако ја рестартираат својата нуклеарна програма, тие ќе имаат поголеми проблеми отколку што некогаш имале“, рече Трамп за време на состанокот со Макрон во Белата куќа.

Иранскиот претседател Хасан Рухани отфрли каков било разговор за нов договор. Тој претходно предупреди на тешки последици, доколку Трамп се повлече од Договорот.

„Разговарав со Макрон неколкупати по телефон“, рече Рухани. „Јас му кажав експлицитно дека нема да додадеме ништо на договорот или да отстраниме нешто од него“.

Повлекувањето на САД има потенцијал да создаде големи несогласувања меѓу клучните трансатлантски партнери и да го фрли Блискиот Исток во уште подлабоки превирања.

Макрон, исто така, сака Трамп да ги задржи американските воени сили во северна Сирија за да го избегне ризикот да се предаде државата на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад и на Иран.

Трамп претходно изјави дека би сакал САД да излезат од Сирија, каде што САД имаат 2.000 војници, кои се борат во искоренување на терористичката организја Исламска држава.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG