Францускиот претседател Емануел Макрон денес ќе допатува во официјална посета на САД, со цел да го убеди претседателот Доналд Трамп да го задржи присуството на воени трупи во Сирија, и по поразот на Исламската држава.
Макрон се очекува и да побара изземање на Европската Унија од новите царини за алуминиум и челик.
„Треба да изградиме нова Сирија по војната. Затоа мислам дека улогата на САД во тоа е многу важна“, изјави Макрон за Фокс њуз, пред патувањето во САД, опишувајќи ги САД како неопходен играч за мир и мултлатерализам.
Трамп неодамна изјави дека планира да повлече 2.000 американски трупи од Сирија што е можно поскоро, иако мината недела тој се приклучи на воената акција на Британија и Франција, во ланисрање проектили кон сириските локации со хемиско оружје.
„Ќе бидам многу директен. Ако излеземе од Сирија, ќе оставиме простор на иранскиот режим и на режимот на Башар ал-Асад. Тие ќе подготват нова војна“, рече Макрон во интервјуто, нагласувајќи дека и Русија и Турција ќе имаат многу важна улога во градење на нова Сирија.
Нагласува дека иако Иранскиот нуклеарен договор не е совршен, тој не гледа подобра опција, и оти сака да остане активен додека не се стопира иранската балистичка програма.
Макрон в среда се очекува да се обрати пред Конгресот
Францускиот лидер и неговата сопруга Брижет, денеска ќе имаат формална вечера со Трамп и првата дама Меланија.
Официјалните состаноци на обајцата претседатели се закажани за утре, а Макрон во среда ќе се обрати пред американските законодавци.
Facebook Forum