Најново истражување на Општата болница Масачусетс наоѓа врска меѓу недоволното количество на витаминот Д и респираторните инфекции кај децата. Иако не заклучува дека е причина за појава на астма, истражувањето сепак наведува дека проблемите со дишењето во детството може да се влошат поради ниско ниво на витаминот.
Лекарите сметаат дека витаминот влијае и на бременоста. Друго неодамнешно истражување покажа дека компликациите при бременоста и породувањето може да се намалат со земање на 4.000 меѓународни единици дневно.
Доктор Мајкл Ирвинг од Катедрата за медицина на Универзитетот Џорџ Вашингтон често предава за користа од витаминот Д.
„Инфекциите, предвременото породување, дури и дијабетесот за време на бременоста се намалуваат кога бремените жени земаат повисоки дози на витамин Д“, вели д-р Ирвинг.
Обичните витамински комбинации за бременост не обезбедуваат доволна количина на Д, според истражувањето на Општата болница Масачусетс. Седум на секои 10 бремени во САД не земаат доволно од витаминот, се тврди во студијата. Во опасност се особено жените со потемна кожа, оние кои ја покриваат кожата од верски и културни причини, како и оние кои живеат во области каде зимата трае подолго. Човековото тело го создава витаминот Д кога апсорбира сончева светлина преку кожата. Тој е важен и за апсорбирање на калциумот.
Американскиот институт за медицина препорачува децата да примаат 400 единици дневно, другите по 600, а лицата на возраст 71-на година и постари – по 800.