Линкови за пристапност

Влегоа во сила вонредните мерки по епидемијата од сипаници во Македонија


Влегоа во сила вонредните мерки по епидемијата од сипаници во Македонија
Влегоа во сила вонредните мерки по епидемијата од сипаници во Македонија

Здравствените власти во Македонија се мобилизираа. Откако државата прогласи епидемија од морбили, од денеска на сила се вонредните мерки- интензивно се проверуваат здравствените картони на бебињата, на учениците и на возрасните, во сите населени места поставени се пунктови за масовна имунизација на сите – од шестмесечна до 40 годишна возраст.

Во градинките и училиштата од родителите се бара да донесат потврди дека децата се имунизирани. Казните, и за родителите и за институциите, што се дел од вонредните мерки ги наполнија амбулантите. Воведени се по неколку смени, отворени се посебни влезови во болниците за заболените.

За министерот за здравство Бујар Османи, нема место за паника. Официјалниот број од речиси 700 заразени со тнр. мали сипаници, од кои 250 се возрасни, и 30 случаи кои се во тешка здравствена состојба на Инфективната клиника во Скопје, не се причина за паника. Епидемијата е прогласена само поради тоа што во над две третини од територијата на Македонија каде живее 50 проценти од вкупното население се регистрирани случаи на морбили. Признава, се работи за сериозно заболување, често и со фатални последици.

„Се работи за високо вирусно заболување. Тоа значи со највисока можност за преносливост и обично овие епидемии, и според искуството во другите држави, долго траат. Во последните четири години имаше вакви епидемии во неколку држави во ЕУ- Италија, Велика Британија, Швајцарија, Холандија, вели Османи.

Се` уште не се размислува за затворање на училиштата и градинките, нешто што е случај во светот кога се прогласуваат епидемии, посебно што за најпогодена возрасна група од морбили се децата до петгодишна возраст.

Но, што беше причината за прогласување на епидемија на цела територија дури сега?

Првите случаи на морбили се регистрирани уште кон крајот на минатата година, кога епидемија беше прогласена во Скопје, Струмица и Куманово. Оттогаш наваму, бројот на заразени брзо се зголемуваше, главно во селските средини и меѓу населението со понизок стандард, каде децата не се пријавени ни како родени, а далеку од тоа да имаат здравствени картони. Црвеното светло се запали откако неодамна морбилите влегоа во градинките.

Досега само 30-тина родители заработиле прекршочни пријави зашто не ги вакцинирале своите деца навреме.

XS
SM
MD
LG