Линкови за пристапност

САД со поддршка до лидерите на Македонија и Грција да најдат заедничко решение за името


Кое ќе биде во интерес на евроатлантската интеграција и стабилноста во регионот, соопшти Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски јазик

САД и натаму ги поддржуваат актуелните преговори под водство на Обединетите нации, за проблемот околу името за Македонија, изјави Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски јазик, нагласувајќи ја поддршката за решение на ова дологорочно несогласување.

„Се надеваме дека лидерите на Македонија и Грција ќе најдат заедничко прифатливо решение за проблемот со името, што ќе биде во интерес на евроатлантската интеграција, економскиот просперитет, мирот и стабилноста во регионот“, соопшти Стејт департментот.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денес изјави дека за името е потребна највисока одговорност од сите политички фактори во земјава.

„За ова исклучително значајно прашање, што нè влече надолу и ни ја попречува иднината повеќе години, потребно е лидерство. Доколку најдеме начин да го затвориме проблемот со зачувување на идентитетот и достоинството, сите заедно ќе бидеме на правата страна на историјата“, рече Димитров.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека решението за деценискиот спор за името никогаш не било поблиску, воздржувајќи се од коментар за тоа кое име начелно е прифатливо за двете страни, откако предлогот „Република Илинденска Македонија“ не помина во Грција.

„Се` уште не е ништо договорено. Како што соопштија министрите Димитров и Коѕијас, договорени се принципи и начела на договор. Се работи на правно формалниот аспект на самиот договор, следува разговор помеѓу мене и премиерот Ципрас, верувам деновиве. На овој разговор очекувам да направиме исчекор што е многу значаен, и затоа ги следиме сите шпекулации во јавноста“, рече Заев.

Претседателот Ѓорге Иванов, пак, денес изјави дека нема да прифати име за севкупна употреба за решавање на спорот за името со Грција.

„Целиот процес наликува на личен договор меѓу премиерот Заев и премиерот Ципрас, за што нема обезбедено национален консензус во Република Македонија. Мојот став е дека не прифаќам решение за прашањето за името за севкупна употреба, или ерга омнес", рече македонскиот претседател.

Тој нагласи дека склучување на меѓународен договор, треба да биде во согласност со Уставот на Република Македонија, а не да предвидува негова измена.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG